Покрај промената на сезоната, септември ни носи и изобилство на здрави сочни плодови, вклучувајќи ја и брусницата. Покрај тоа што има добар вкус, брусницата има голем број лековити својства и придобивки во овој период кога настинките и вирусите се многу чести.
1. Помага при бактериски инфекции
Речиси сите бобинки се богати со антиоксиданти и полифеноли кои имаат силни антибактериски својства. Но, само брусницата содржи проантоцијанидини, посебен вид полифенол, кој е речиси подеднакво ефикасен како антибиотиците. Тие се особено добри во лекувањето и спречувањето инфекции на уринарниот тракт. Резултатот од едно обемно истражување покажа дека жените кои шест месеци пиеле по една чаша сок од брусница на ден, биле за 40% помалку склони кон инфекции на уринарниот тракт.
2. Го намалува воспалението
Воспалителните процеси кои постојат во телото подолго време без да бидат забележани, на крајот можат да предизвикаат опасни болести како што се артритис, Алцхајмерова болест или срцеви заболувања. Полифенолите во брусницата помагаат во намалување на ваквите воспаленија. Тие дејствуваат заедно со други биоактивни соединенија од брусницата и ги потиснуваат клетките што го стимулираат воспалението и го зајакнуваат имунитетот.
3. Го намалува ризикот од рак
Брусниците се богати со диетални влакна, кои помагаат да се намали ризикот од рак на дебелото црево. Влакната го зголемуваат волуменот на цревата, го забрзуваат излачувањето на штетните материи, а истовремено помагаат во производството на бутират, супстанција што спречува раст на тумори во дебелото црево и ректумот. Една чаша свежа брусница обезбедува речиси 20% од препорачаната дневна доза на растителни влакна и е одличен извор на витамин Ц и флавоноиди, кои спречуваат формирање канцерогени клетки.
4. Помага во одржувањето на нивото на шеќер во крвта
Брусницата е златно овошје за дијабетичари. Проантоцијанидините помагаат не само во борбата против штетните бактерии, туку и за одржување на нивото на шеќер во крвта.
5. Го штити здравјето на дебелото црево
Брусницата го намалува ризикот од гастритис, улцерозен колитис и рак на желудник.
6. Го штити мозокот од деменција
Брусницата е одлична и за менталното здравје бидејќи содржи две хранливи состојки што играат клучна улога во заштитата од губење на меморијата. Антиоксидантите од брусницата ги неутрализираат штетните слободни радикали кои можат да ја оштетат ДНК и да предизвикаат воспаление во мозокот, со што се зголемува ризикот од Алцхајмерова болест. Од друга страна, витаминот Ц од брусницата го стимулира производството на норадреналин, невротрансмитер што ја стимулира комуникацијата помеѓу мозочните клетки и ја подобрува контролата и функцијата на движењето.
7. Ги отстранува брчките
Соединенијата што ѝ даваат црвена боја на брусницата придонесуваат за производство на колаген.
8. Ги штити забите и непцата
Антиоксидантите од брусницата го намалуваат забниот плак и спречуваат заболување на непцата. Овие соединенија буквално ги спречуваат бактериите да формираат плак на површината на забите, спречувајќи појава на кариес.
9. Го подобрува здравјето на срцето
Секојдневното консумирање сок од брусница го зголемува нивото на добриот холестерол, што е исклучително важно за здравјето на срцето и на крвните садови. Исто така, едно истражување покажа дека редовното консумирање свежа брусница може да го намали ризикот од срцеви заболувања за 32%.