Почина џез легендата Дејв Брубек

Американскиот џез пијанист и композитор Дејв Брубек почина во средата ден пред да наполни 92 година, изјави за AFP неговиот менаџер.

„Почина во утрото (сред -з.р.). Никој не го очекуваше ова, му подготвуваме голема прослава во недела бидејќи утре (четврток) требаше да наполни 92 година“, изјави во телефонски разговор за агенцијата менаџерот Расел Глојд.
Дејв Брубек починал во болницата Норволк, во американската сојузна држава Конектикат.
Брубек, роден во државата Калифорнија, беше најмногу познат по својот Квартет на Дејв Брубек со кој стекнал светска слава во 1951 година, настапувајќи со славниот саксофонист Пол Дезмонд.
Неговиот албум „Time Out“ од 1959 година со нумерите „Blue Rondo a la Turk“, „Take Five“ и „Three to Get Ready“ постигна огромен успех.
Во текот на својата долгогодишна кариера, а настапуваше сé до минатата 2011 година, многу често ги предизвикуваше правилата кои потоа им се наметнуваа на џез музичарите.
Брубек во текот на долгогодишната кариера основаше неколку квартети, автор е на два балета, мјузикл, ораториум, четири кантати, миса и голем број дела за џез оркестри.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: