Бундесбанка очекува скромен раст во 2013 и забрзување во 2014 година

Loading...

Германската централна банка во петокот ја намали прогнозата за раст за германската економија, според која сега се очекува само скромен раст во 2013, кој би требало да забрза во 2014 година.

Бундесбанката за наредната година прогнозира раст од 0,4 отсто, со што осетно е намалена прогнозата од јули кога растот беше проценет на дури 1,6 отсто.
Снижените прогнози Бундесбанка ги објави само еден ден откако Европската централна банка (ЕЦБ) остро ги снижи прогнозите за раст на еврозоната за наредната година, укажувајќи на слабите изгледи за темелен раст на посилните економии, како Германија, Франција и Холандија.
Германската економија е клучен покренувач за раст на економијата на еврозоната, која веќе е во рецесија. Се чини сега дека и германската отпорност кон кризата е нагризена што се очитува и во новите проекции на Бундесбанката.
„Со оглед на тешката економска ситуација во некои членки а еврозоната и проширената неизвесност, економскиот раст во Германија ќе биде послаб од претходно проценетото“, стои во соопштението.
Бундесбанката предупреди дека постојат назнаки дека германската економија би можела во последниот квартал од годинава и во првиот од наредната, да оствари негативна стапка на раст, со што би влегла во техничка рецесија.

Макфакс

loading...
Loading...