Специјална опрема за „крајот на светот“ во Мексико

Во очекување на наводната катаклизма, според календарот на древните Маи, кога ќе дојде „крајот на светот“ на 21-ви декември 2012 година, благодарејќи на претприемчивоста на бизнисмените во Мексико се појави специјален пакет производи „за секој случај“.

Компанијата производител вклучи во асортиманот продукти коишто ќе бидат неопходни кога ќе настапи „крајот на светот“, како облека, кибрит, специјален нож за отворање банки и, како што тврди производителот, за борба со зомби, специјална чоколада, тефтер за запишување спомени, камперски оган – доколку е потребно, шише со вода и мало шишенце со ликер од мајчина душица, којшто се произведува на полуостровот Јуактан и се смета дека го пиеле Маите.
„Доколку крајот на светот настапи во 2012 година, подобро е да го дочекате подготвени“, уверува производителот на опремата.
Во меѓувреме во друга јужноамериканска земја, во Чиле, резултатите од истражувањето на јавното мислење објавени во петокот покажаа дека околу една четвртина од луѓето имаат намера на 21-ви декември под каков и да е изговор, да не одат на работа. Притоа, речиси половината од нив сакаат чесно да им признаат на работодавците дека се премногу суеверни за да работат на тој ден, а околу 30 отсто ги замолиле да им ја исплатат платата за декември однапред – пред „крајот на светот“.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: