Најавата за оставка на Монти ги притисна европските берзи

Loading...

Европските берзи ослабнаа во понеделникот под притисок на силниот пад на италијанскиот берзански индекс, кој беше торпедиран од најавата за оставка на италијанскиот премиер Марио Монти, што одново ги поттикна стравувањата за состојбите во економијата на задолжената држава.

Лондонски FTSE падна за 0,13 отсто, на 5.906 поени, франкфуртски DAX за 0,29 отсто, на 7.496 поени, а париски CAC беше во минус 0,09 отсто, спуштајќи се на 3.602 поени.
Силен пад забележа италијанскиот берзански индекс FTSE MIB, потонувајќи за 2,7 отсто, откако премиерот Монти во саботата најави дека ќе поднесе оставка, штом биде усвоен буџетот за 2013 година.  Два дена претходно партијата на Силвио Берлускони ја повлече во парламентот поддршката за технократската влада на Монти, а Берлускони најави дека одново ќе се кандидира за премиер.
Оваа вест го притисна банкарскиот сектор, па акцијата на Intesa Sanpaolo ослабна 6,1 отсто, на Banco Popolare за 6,4 отсто, а на UniCredit за 5,5 отсто. Ова се одрази и на другите европски банки, па BNP Paribas загуби на вредноста 1,9 отсто, Credit Agricole 2,9 отсто, а Banco Santander 2,2 отсто.
„Повторно сме под стрес, повторно се прашуваме која акција е изложена кон Италија“, толкуваат од Global Equities.
„Токму Монти успеа да ја стабилизира Италија и да го сопре ширењето на кризата од Грција. Неговата ненадејна оставка го враќа ризикот кој го имавме заборавено“, е додава во анализата.
Можноста од оставка на Монти го зголеми разликата во приносите на италијанските државни обврзници во однос на германските, на 3,60 отстотни поени, во однос на 3,25 отстотни поени, колку што изнесуваше во петокот.

Макфакс

loading...
Loading...