Почина легендарната руска оперска дива Галина Вишњевскаја

Легендарната руска оперска дива Галина Вишњевскаја, сопруга на славниот челист Мстислав Ростропович, позната по интерпретацијата на главните оперски рољи, почина во вторник во Москва на 86 годишна возраст.

Како што пренесува АФП, Вишњевскаја, која се прослави со емотивните изведби на класичните и модерните дела, изминатите години страдаше од срцеви проблеми.

Родена е во Санкт Петербург, ја преживеа нацистичката опсада на градот за време на Втората светска војна, а уште како тинејџерка служеше во противракетната одбрана на советската војска.

По студиите стана член на московскиот Бољшој театар. Во 1955 година се омажи за Ростропович, кој беше нејзин трет маж.

Заради својата драматична интерпретација, исклучителниот емотивен набој, наречена е „руска Марија Калас“.

Ќе остане запаметена по улогите во модерните дела како операта „Леди Магбет“, на советскиот композитор Дмитриј Шостакович и „Воен реквием“ на британскиот композитор Бенџамин Бритн, но и по многу успешните интерпретации на стандардниот оперски репертоар, вклучувајќи ги и славните хероини на Пучини и Верди.

Во 70-сетите години заедно со мажот биле принудени да го напуштат СССР, а во 1978 година им беше одземено советското државјанство. Во земјата се врати по распадот на Советскиот сојуз.

Во 2007 година ги изненади сите кога во 80 година се појави на филм во улога на баба на војник на служба во Чеченија во драмата „Александра“ на Александар Сокуров.

Вишњевскаја ќе биде погребана на московските гробишта Новодевичи откако нејзините обожаватели ќе и оддадат последна почит.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: