Лазаров: Балиќ не игра најдобро, но целиот тим игра лошо

Loading...

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, за хрватскиот портал ’index.hr’, го искоментира неповикувањето на Ивано Балиќ во репрезентацијата на Хрватска, која ќе настапи на претстојното Светско првенство.

Лазаров и Балиќ од оваа сезона во Атлетико Мадрид се повторно соиграчи, претходно заедно играа во дресот на Загреб.
„Балиќ не игра најдобро, но целиот тим има лоша полусезона. Тргнавме одлично го освоивме Светското првенство за клубови и потоа ’паднавме’ во формата. Причина? Сменивме доста играчи и потребно е време да се воиграме. Кога подобро ќе размислам, очекувано беше да имаме осцилации, иако морам да признаам дека самите сме изненадени од пропустите кои ги направивме“, вели Лазаров.
Капитенот на Македонија верува дека на Балиќ му е потребно време да се навикне на новиот систем и новиот тим.
„Балиќ во клубот дојде по Олимписките игри, значи не е лесно да се вклопите во екипата по само неколку месеци. Особено е тоа тешко во Шпанија и Атлетико каде се игра еден посебен систем. Верувам дека по Нова година работите ќе тргнат на подобро и дека и Ивано ќе игра многу подобро“.
Лазаров дипломатски одговори на прашањето дали Балиќ заслужува да игра на ракометниот Мундијал?
„Не е лесно да се коментираат такви работи. Луѓето кои ја предводат хрватската репрезентација знаат како репрезентацијата играше во изминатите години и дали Ивано треба да е во или надвор од репрезентацијата. Не сакам да застанам на ничија страна, можам погрешно да бидам разбран и да настане нелагодна ситуација“, изјавил Лазаров.
Десниот бек на Атлетико смета дека Балиќ е тој кој треба да пресече, дека треба да излезе во јавноста треба да го искаже своето мислење. Лазаров не се сомнева дека доколку Балиќ сака, тогаш тој на ракометот може да му даде уште многу позитивни работи.
„Ивано за мене е легенда на светскиот ракомет, многу направи за овој спорт, може уште многу да му даде на ракометот, само доколку тој тоа го сака“, заврши Лазаров.

Макфакс

loading...
Loading...