Еквадор му даде азил на Асанж

Еквадор во четврток го одобри политичкиот азил за основачот на „Викиликс”, Џулијан Асанж, изјави министерот за надворешни работи на оваа земја, Рикардо Патино, јави „Reuters”. Патино рече дека неговата земја верува дека стравувањата на Асанж од политички прогон се легитимни.

Тој изјави дека неговата земја по традиција ги штити оние кои се ранливи.

Британија претходно соопшти дека нема да му дозволи на Асанж, кој се бори против испорачувањето во Шведска, безбедно да излезе од земјата, доколку Еквадор одлучи да му даде азил.

Британските власти соопштија дека имаат законска обврска да го испорачаат Асанж на Шведска и дека се бара општо прифатливо решение. „Викиликс” ја осуди британската порака до Еквадор и ја нарече непријателски и екстремен чин.

Асанж се крие во амбасадата на Еквадор во Лондон од 19 јуни. Деновиве пред амбасадата се собраа повеќе приврзаници на Асанж кои не дозволуваа негово испорачување во Шведска каде го бараат поради поднесена тужба за силување. Околу 20 лица беа приведени од лондонската полиција.

Асанж не признава дека силувал две девојки во Шведска, туку тврди дека тоа е политички конструиран случај. „Викиликс” објави стотици тајни документи со што ја посрами владата на САД, но и на други земји.

извор: https://www.makfax.com.mk/#289950%2Fekvador_mu_dade_azil_na_asanzh

Пронајдете не на следниве мрежи: