Отфрлајќи го деминутивот и преобразувајќи се на големото платно, оваа година по петти, јубилеен, пат ќе се одржи Филозофскиот Филмски Фестивал. Петтото издание на Фестивалот симболично именувано „фил(м)ософски одисеи“ ќе се одржи од 1-4 април 2015 година во просториите на Кинотеката на Македонија и Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.Филозофскиот Филмски Фестивал претставува проект на Филозофското друштво на Македонија реализиран со поддршка на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Кинотеката на Македонија. Проектот започна во 2010 година како студентска иницијатива на Институтот за филозофија под скромно име, Филозофско Филмско Фестивалче, но со голема амбиција. Во текот на првата година се одржуваа филмософски проекции секој четврток во текот на една година тогаш заокружени со предавањето „Филозофијата и Филмот“ на професорот Стефан Сидовски. Оттогаш, ФФФ доживеа три успешни изданија, секое повеќе или помалку во денешната фокусирана форма: неколку проекции на филмови, модерирана дискусија на одредена тема, свечено предавање. По третото издание на Фестивалот, Филозофското друштво на Македонија го зема ФФФ под своја закрила и оттогаш Фестивалот се развива во рамките на Друштвото како негова културна манифестација.
2015-та е посебна година. Тоа е годината во која Филозофското филмско фестивалче прерасна во ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ кој за своето петто, јубилејно, издание за македонските љубители на филозофијата и филмот подготви најамбициозна програма досега. Оваа година Фестивалот се пресели од Институтот за филозофија во Кинотеката на Македонија каде ќе се одржуваат проекциите на филмовите и поголем дел од настаните. Македонската публика оваа година ќе има можност да проследи три проекции на филмови од македонската и светската продукција, имено, филмовите: „Мирно лето“ на познатиот македонски режисер Димитрие Османли со кој ќе го отвориме Фестивалот (2. април 2015, 19:00), „Антихрист“ на Ларс фон Трир во рамките на втората фестивалска вечер (3. април 2015, 19:00), и култниот „Рашомон“ на Акира Куросава со кој ќе го затвориме Фестивалот (4. април 2015, 19:00). По секој филм ќе следуваат излагања на филмософски теми кои ќе бидат водени од тројца еминентни професори од областа на филозофијата и филмот во Македонија: проф. д-р Иван Џепароски со излагањето „Комичното во македонскиот филм: Мирно лето“, доц. д-р Ристо Солунчев на тема „Фон Трир и поетиката на распаѓањето“, и миленикот на младата публика и вистинскиот филмософ, професорот Стефан Сидовски со кратко предавање на тема „Потрагата по вистината во филмот Рашомон“. По секое излагање ќе следува отворена дискусија со публиката.
Покрај Официјалната програма оваа година Фестивалот ќе понуди и Придружна програма во чии рамки ќе се одржат два специјални настани. Гостин на овогодинешното издание на Фестивалот ќе биде познатиот македонски режисер и наш колега, филозоф, Игор Иванов Изи (4. април 2015, 17:00). Изи ќе одржи Мастер час во рамките на кој ќе го погледнеме неговиот краткометражен филм „Бубачки“. На крајот од Мастер часот планирана е Q&A сесија на која публиката ќе може да влезе во дијалог со Изи на теми од областа на филмот и филозофијата. Вториот дел од Придружната програма се состои од Работилница за студенти која претставува новина на овогодинешното издание на Фестивал. Станува збор за работилница подготвена од младите за младите. Стефан Палитов и Тијана Петковска, двајца млади луѓе кои имаат завршено филозофија, а кои уште поинтензивно се занимаваат со филмот по завршувањето на специјалистичкиот курс за филмска режија на познатиот Факултет за изведувачки уметности во Прага (ФАМУ), ќе бидат модератори на работилницата чија овогодинешна тема ќе биде „Времето како филозофска димензија на филмот“. За разлика од другите настани кои ќе се одржат во Кинотеката на Македонија, Работилницата за студенти ќе се одржи во просториите на Институтот за филозофија (1. април 2015, 12:00).
Со ова Филозофскиот филмски фестивал и понатаму се посветува на креирање на креативен простор за размена на автентична мисла во Градот преку приближувањето на филозофијата низ призмата на филмот до секој човек и љубител на филозофијата.Филозофскиот Филмски Фестивал претставува проект на Филозофското друштво на Македонија реализиран со поддршка на Институтот за филозофија при Филоз