Сигурно сте слушнале дека постојат одредени вежби кои можат да ви помогнат да си го подобрите сексуалниот живот. Едни од нив се и Кегеловите вежби, кои освен што помагаат за постигање на поинтензивен оргазам, им помагаат и на оние кои страдаат од инконтиненција (неспособност да се контролира задржувањето на урината).
Тие се состојат во стегање и опуштање на долните карлични мускули, а придонесуваат за подобрување на функцијата и тонусот на овие мускули.
Кегеловите вежби се полезни и за мажите и за жените. На жените им носат многу бенефиции:
– Го олеснуваат достигнувањето на оргазам.
– Го зголемуваат интензитетот на оргазмот.
– Ја прават вагината почувствителна и сексуалното задоволство за време на однос поголемо.
– Помагаат за зголемување на желбата за секс, затоа што со нивно стегање и опуштање се носи повеќе крв кон половите органи.
– Помагаат против појава на инконтиненција, особено стрес инконтиненција, која настапува при кивање, кашлање, трчање или подигање на тешки предмети.
Кегеловите вежби, како и сите други вежби за телото, треба да се практикуваат редовно. Лесни се и можете да ги правите насекаде, без никој околу вас да го забележи тоа.
Еве што треба да направите за да го почувствувате ефектот од Кегеловите вежби.
Седнете на WC шолјата. Додека мокрите, обидете се да го задржите, а потоа да го ослободите млазот урина. Повторете го ова неколку пати, за да го запомните чувството. Треба да знаете дека практикувањето на Кегеловите вежби додека уринирате не е препорачливо, затоа што може да предизвикате уринарна инфекција.
Легнете и раширете ги нозете. Ставете прст во вагината и обидете се да ги стегнете мускулите околу него. Со прстот треба да го почувствувате стегнувањето на вагината.
Не прекинувајте да дишете. Треба да бидете опуштени, да дишете нормално и да бидете во можност да разговарате додека ги правите Кегеловите вежби.
Не ги стегајте мускулите на стомакот, бутовите или задникот.
Не ги стегајте нозете.