Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска во рамки на Европската конференција на претседатели на парламенти која се одржува во Стразбур, Франција, се обрати на тема „Националните парламенти и Советот на Европа: Заедничко промовирање на демократијата, човековите права и владеење на правото“.Од неговото основање на 5 мај 1949 година, посочи Вељаноски, Советот на Европа исполнувајќи ги своите статутарни одредби, дејствува кон воспоставувањето, остварувањето, заштитата и развојот на човековите права и основните слободи, јакнењето на демократијата и создавањето на заедничките правни стандарди.
– Советот на Европа е во најдобра позиција ефективно да ги третира човековите права, демократијата и владењето на правото бидејќи располага со стандарди и методологија за соработка во низа области и лесно може да ги мобилизира кон заедничка цел клучните актери во цела Европа, и тоа владите преку Комитетот на министри, парламентите преку Парламентарното собрание, локалните власти преку Конгресот на локалните и регионалните власти, како и невладините организации преку Конференцијата на меѓународни невладини организации, рече претседателот на македонскиот Парламент.
Потенцира дека Советот на Европа бил организацијата преку која започнало европското и евроатлантското интегрирање на Република Македонија – прво во 1993 година со статусот на специјален гостин на Собранието и потоа од 1995 година како полноправен член.
– Како земја во транзиција која требаше да изврши длабоки општествено-економски реформи моравме да донесеме или измениме, во релативно кус временски рок, стотици закони. Помошта што притоа ја добивавме од Парламентарното собрание, Венецијанската комисија и другите специјализирани тела на Советот на Европа за низа значајни законски проекти сврзани со развојот на парламентаризмот и јакнењето на демократијата за нас беше посебно драгоцена. Симболично речено вратата за приклучување кон европското семејство за нас најнапред беше отворена од страна на најстарата европска организација, која денес соединува 800 милиони Европејци, истакна Вељаноски.
Потсети дека Република Македонија првпат претседаваше со Комитетот на министри на Советот на Европа во 2010 година и оти за време на шестмесечно претседателство покажала дека е подготвена и имаме капацитет активно да придонесуваме во решавањето на прашањата со кои се соочува Советот на Европа.
– Како Собрание, континуирано вложуваме напори да ја потврдиме нашата улога на клучен демократски столб во општеството и притоа експертизата на нашиот природен партнер, Парламентарното собрание на Советот на Европа е од суштинско значење за целокупниот демократски развој. Делегациите на Собранието на Република Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа уште од 1995 кога Република Македонија стана полноправна членка на Советот на Европа активно учествуваат во работата на комисиите и на пленарните заседанија на Парламентарното Собрание, посочи Вељаноски.
Додаде дека за Македонија актите и извештаите на Советот на Европа за состојбата на демократските стандарди, човековите права и слободи во Република Македонија секогаш имаат сериозно влијание врз внатрешните реформи.
– Преку активното учество на нашите државни институции во форумите и телата на Советот на Европа, како и преку активното учество на претставниците на државата во специјализираните тела на Советот на Европа, несомнено се покажува нашата посветеност да изградиме општество кое почива на принципите и вредностите на најстарата европска меѓународна организација. Верувам дека ќе се сложите дека човековите права и граѓанските слободи како и развојот на демократијата никаде и никогаш не се докрај остварени, а нивното остварување е континуиран процес. Советот на Европа е институција која обезбедува корисни законодавно-правни инструменти во изнаоѓањето адекватни одговори на современите предизвици. Препораките на Советот на Европа кај нас секогаш биле добродојдени и сметани како поддршка на нашиот демократски развој, рече Вељаноски.
Периодот што следува, смета тој, е важен во процесот на евроинтеграција на Македонија. И покрај политичките предизвици со кои се соочуваме, вели Вељаноски, контунирано сме посветени на градењето мултикултурно, мултинационално и мултиконфесионално општество, на реформските процеси во клучните области, на промоцијата на добрососедските односи со сите наши соседи и конструктивно учествуваме во напорите за надминување на отворените билатерални прашања.Од неговото основање на 5 мај 1949 година, посочи Вељаноски, Советот на Европа исполнувајќи ги своите статутарни одредби, дејствува кон воспоставув