„Случајот Карпалак не смее да се заборави, бидејќи има докази дека можело да се спречи загинувањето на бранителите доколку некој не пропуштил да преземе одредени дејствија, што бил должен да ги преземе во интерес на безбедноста на конвојот.За еден од најкрвавите и најбрутални масакри во поновата македонска историја одговорност мора да има.
На почетокот на јули 2001, четириесетина дена пред погибијата кај Карпалак, во Службата за државна безбедност има два службени документи со податоци дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот се наоѓа вооружена група од десетина лица, кои преку ден беа присутни во ископаните ровови и правеа инциденти на автопатот со повремени истрели, а ноќта се повлекуваа кај свои јатаци во едно соседно село.
Државната безбедност добро го работела случајот и уфрлила и соработник во групата.
При едно вообичаено ноќно повлекување на групата кај јатаците, комбиниран тим на државната и јавната безбедност при МВР извршиле снимање и увид на локацијата.
Преку вградениот соработник се извршила и комплетна идентификација на групата, по што од оперативните евиденции на МВР можело да се види дека овие лица се всушност поранешни криминалци, претходно добро познати на македонската полиција.
Согласно правилата за соработка на безбедносните органи во државата, МВР ги достави овие информации за понатамошно постапување до Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана.
Врз основа на овие оперативни податоци, Службата за аналитика во државната безбедност, изготви информација уште во јули 2001 година со прецизни анализи и насоки како да се запоседне просторот околу автопатот кај Карпалак заради безбедно минување на редовните конвои на бранителите накај Тетово.
Ова е извадок од аналитичката информацијата и доколку се постапело по неа Карпалак ќе беше избегнат. Да го имате ова 40 денови и да ви загинат бранителите од испукана граната токму од кај Карпалак! Катастрофа. Сознанија имаше, а ништо не се презеде!?
Трагедијата сигурно ќе беше избегната, доколку само со еден хеликоптерски прелет беше збришана оваа вооружена група, бидејќи прецизно се знаеше локацијата, движењето, вооруженоста, распореденоста, бројноста на групата и слично!
До денешен ден се крие и кој дал наредба пред трагедијата да се отстрани и безбедносниот пункт на автопатот Скопје-Тетово во близина на Карпалак и зошто после трагичниот настан, бранителите се оставени сами на себе да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери од аеродромот Александар Велики до Карпалак им било потребно само пет минути да пружат помош.За еден од најкрвавите и најбрутални масакри во поновата македонска историја одговорност мора да има.