Доколку Заев побара да биде аболицијата да биде повлечена, судењето за „Глобал“ може да продолжи

„Од 2008 Зоран Заев бара повлекување на аболицијата. Тогаш не ми беше дадена правна можност за тоа, ниту бев прашан за оваа работа. Сега имам правна можност и ја обжалив пред апелација и пред Стразбур. И аболицијата од 2008, ако ми се даде можност, веднаш ќе побарам да биде повлечена…“.Ова се зборовите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев од пред една недела. Иако најави дека ќе ја бара повлекување на аболицијата за „Глобал“, случајот во кој во 2008 година беше обвинет за злоупотреба на службеното овластување како струмички градоначалник, досега тоа не го сторил, пишува Дневник.мк.
Но ако во меѓувреме стигне вакво писмо од Заев кај Иванов или, пак, шефот на државата сам одлучи да ја искористи законската можност за повлекување на претходно дадените помилувања за „Глобал“, дали навистина гонењето на Заев може да продолжи, односно дали случајот не е застарен?
Од тоа што може да се најде како архива за „Глобал“, Заев заедно со уште петмина заврши во притвор во средината на јули 2008 година. Неколку месеци претходно, за нив МВР поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување. Нема податоци со каква квалификација е делото, но имајќи предвид дека во кривичната пријава, а подоцна и во обвинителството тврдеа дека противправно е стекната имотна корист од над 8 милиони евра веројатно се работи за потешка квалификација за која Kривичниот законик предвидува казна од минимум три, односно пет години затвор.
„Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување … ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години“, пишува во ставот три од членот 353 од KЗ.
Уште повеќе во последниот став на овој член се вели дека ако злоупотребата на службената положба и овластување е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, „сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Застарувањето на кривичното гонење почнува од денот кога е сторено кривичното дело. Трговскиот центар „Глобал“ почна да се гради во 2006 година, а кривичната пријава е од 2008 година. Во членот 107 од KЗ се вели дека не може да се преземе кривично гонење кога ќе поминат 10 години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затвор над пет години, односно 5 години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затвор над три години.
Во ставот два од овој член се вели: „Ако за кривичното дело се пропишани повеќе казни, рокот на застареноста се определува според најтешката пропишана казна“.
Во случајот со Заев и „Глобал“, најтешката казна што ја пропишува KЗ за злоупотреба на службеното овластување е минимум пет години односно ќе бидат потребни 10 години или ако се смета од почетокот на градбата тоа би требало да биде некаде летово.
Но, треба да се има предвид и членот 108 од KЗ, во кој се вели „застарувањето не тече за времето за кое според законот гонењето не може да започне или да продолжи“.
Аболицијата на Заев со која практично прекина гонењето беше потпишана од Бранко Црвенковски на 3 август 2008 година и трае до денес, така што според толкувањето за „Дневник“ од обвинители што ги консултиравме, рокот за застареност за овој случај во тој период не течел.
Гонењето на осомничените во „Глобал“ уште долго време нема да биде загрозено ни од апсолутна застареност. Имено, според членот 108 од KЗ „застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење. Ова значи дека треба да поминат 20 години од моментот на изградбата на трговскиот центар, односно отсега треба да помине уште најмалку една деценија пред државата да не може кривично да гони за случајот „Глобал“.
Заев го легализира „Глобал“ пред само две години
Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица се наоѓа на површина од 7.000 квадрати (вкупната површина на дуќаните, катната гаража и пазарот се околу 40.000 квадрати). Овој објект според обвинителството во 2008 година и покрај тоа што не ги исполнувал условите да биде легален, бил предмет на јавно-приватно партнерство што го склучил Зоран Заев. Дека се работело за нелегален објект се потврди во август 2014 година, кога Заев како градоначалник ги потпиша решенијата за легализација на овој објект, и тоа седум години од кога всушност е изграден. За легализацијата на „Глобал“ Заев, всушност, го искористил Законот за постапувањето со бесправни објекти, т.е. владината мерка за легализација на голем број дивоградби.
Историјата на „Глобал“
– На 1 февруари 2006 година Општина Струмица носи одлука за реконструкција и надградба на Градското пазариште за што до Бирото за јавни набавки поднел известување дека ќе спроведе тендер за изградба на трговски центар на ова место.
– Со јавно-приватно партнерство на две фирми им било дадено земјиштето на кое се наоѓал стариот пазар. За изградбата, Општината експресно издава дозвола за градба, а фирмите што го добиле тендерот веднаш почнале да градат.
– Во текот на изградбата на трговскиот центар во 2006 и 2007 година во неколку наврати државниот управен инспекторат увидел дека дозволата за градба не е законска и ја поништува (за земјиштето, кое инаку е во државна сопственост, биле иницирани постапки за денационализација).
– Државниот управен инспекторат во март 2007 година носи решение со кое им наредува на Општината и на инвеститорите да ја прекинат градбата, но Заев ги игнорира ваквите налози.
– Објектот со огномет на 1 јули 2008 година како капитална инвестиција на градот го отвори тогашниот претседател на државата и доскорешен сопартиец на Заев, Бранко Црвенковски. По две недели, Заев со своите општински соработници, како и газдите на фирмите што го градеа „Глобал“, завршија во притвор
– На 3 август 2008 година Црвенковски го искористи своето дискреционо право да ги помилува сопартиецот Заев и неговите соработници и да го прекине кривичното гонење против нив.Ова се зборовите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев од пред една недела. Иако најави дека ќе ја бара повлекување на аболицијата за „Глобал“

Пронајдете не на следниве мрежи: