Кошаркарите на Њујорк Никс ставија крај на серијата од седум победи, во кои се наоѓаше Сан Антонио Спарс, откако на домашен терен забележаа победа со 100:83.
Четворица играчи на Њујорк, во победата, постигнаа двоцифрен број на поени: Ентони 23, Џеј Ар Смит 20, Новак 14 и Чендлер 10 поени и 14 скокови.
„Шутираа добро и веднаш беше јасно дека ќе победат. Немавме доволно гориво во резервоарот, а згора на тоа и нивната одбрана беше добра“, рече тренерот на Спарс, Грег Попович.
Тони Паркер и Тим Данкан со по 11 поени го предводеа Сан Антонио, Спарси на овој меч играа без Стивен Џексон кој уште на почетокот го повреди скочниот зглоб.
Њујорк има скор 22-10 и е лидер во Атлантик дивизијата, а на Истокот се наоѓа на второто место веднаш зад Мајами.
Сан Антонио со скор 26-9 е лидер во Југозападната дивизија и се наоѓа на третото место во Западната конференција, веднаш зад Оклахома и ЛА Клиперс.
Минесота предводена од Џеј Џеј Бареа победи во Денвер со 101:97. Бареа 12 од своите 17 поени постигна во последната четвртина. Кевин Лав имаше учинок од 12 поени и 17 скокови, но поради повреда на прстот не го заврши натпреварот. Одличен учинок имаа Швед (17 поени, 5 асистенции), Кириленко (14 поени) и Риднауер (14 поени).
Кај Денвер со учинокот се истакна грчкиот репрезентативец Костас Куфос кој постигна 16 поени, исто толку кошеви уфрли и Тај Лосон.
Минесота со оваа победа стигна до позитивен скор во лигата 15-14, додека Денвер го забележа 16-от пораз во 34-от натпревар.