Црнушанов за состојбата во Битолската учебна област во 1942 година

Очевидно е дека положбата во Дабница е крајно трагична за децата и нивните родители и не дава услови за позитивна и безопасна работа. Јас знам дека оние 16 души од селото се убиени. А тоа не е добро за учителот со оглед на очајната положба на месните луѓе.“ – пишува Коста  Црнушанов во својот доверлив извештај од 14 ноеври 1942 до Бугарското министарство за просвета.Коста Црнушанов (Прилеп, 23. I. 1903 – Софија, 10. X. 1996) е општественик од Бугарија, деец на ВМРО, историчар, публицист и фолклорист. Автор е на многу историски романи, повести и мемоари. Завршил филозофија и историја во Белград. Еден е од основачите на Македонската Младинска Тајна Револуционерна Организација (ММТРО), студентска организација основана во 1922 година од ВМРО, која се залага за ослободување и создавање Независна Македонија.
Во 1928 година е во странство за да ја информира европската јавност за Скопскиот студентски процес, на кој се судат членовите на ММТРО уапсени и судени во текот на претходната година. Во 30 – тите години се преселува во Софија, а во Македонија се враќа за време на окупацијата Во периодот од 1941 до 1944 година работи како училишен инспектор.
Како областен училишен инспектор во Битола испраќа доверлив извештај до Министерот за народна просвета на Бугарија – Дирекција на основно образование, во кој ја опишува состојбата во Битолската област. Во својот доверлив извештај од 14 ноември 1942 година тој потврдува дека е запознат со масакрот во прилепското село Дабница и иако партизаните ги нарекува разбојници, индиректно го критикува односот на бугарските окупаторски власти.  
Во доверливиот извештај за состојбата на Битолската учебна област во врска со опасностите од разбојничи напади на Министерството за народна просвета, Обласна училишна инспекција Битола, бр. 5474, од 14 ноември 1942 година, Коста Црнушанов меѓудругото ќе напише:
„По зачестените, во летото и во почетокот на учебната година, разбојнички напади во разни планински села во Битолската област сум во состојба да ви соопштам, г. Министре, за следното: Напади се случија во сите околии на Областа, но, сериозен, дури застрашувачки карактер тие имаат во Крушевската околија…. Втора по опасност од разбојнички напади беше Прилепската околија и тоа во нејзините делови околу полите на Бабуна, главно северозападно од Прилеп…
… И покрај многубројните убиства на кметови и стражари до сега за среќа не настрада ниту еден учител. Меѓутоа, на неколку пати се појави голем страв кај неколкумина учители коишто попаднале во рацете на нелегалните ноќно време или приквечер при ненадејно навлегување на четите во селата. Тоа се случи во село Лениште (Прилепско) и во село Журче (Крушевско) каде што учителите и учителките биле извикани од разбојниците насред село да им ги слушат говорите.
… До овој момент не стана нужда да затвориме ниту едно училиште во Прилепско, но имаше тежок случај со положбата на учениците на учителите поради казнената акција што ја презедоа нашите власти. Тоа е селото Дабница (Прилепско). Тоа е србоманско село уште од турско време. Сега пак тоа и дало прибежиште на четата што изврши убиства во Плетвар (Прилепско), ја чуваше цели шест дена, ја храбреше и сочуствуваше.
Еве што соопшти учителот од истото село: „На 24 септември оваа година селото беше блокирано од нашите власти и беа втерани во касарна сите селани на 16-60 годишна возраст, на број 62 души. Останаа во селото само осум старци постари од 60 години. Што ќе стане со другите, не знам. Жените на отепаните мажи се исплашени, децата исто така. Се помачив децата да ги соберам во училиштето, но ниту едно не се јави. Ако сретнам некое по патот, тоа брза веднаш да се скрие за да не го распитувам… По повод настаните што се случија во Дабница при обезљудено машко население, при нажалени и потресени деца од изгубени татковци апсолутно е невозможно да се почне со каква и да било учебна работа во училиштето“.
Од горното се гледа дека во тоа село не можеме да имаме засега училиште. Селото е планинско и недалеку од Прилеп, се состои од 40 куќи и во училиштето има 28 ученици. Се носи глас дека селото ќе биде иселено или машкото население имтернирано, па сум на мислење училиштето да не се отвора годинава. Учителот нема зошто веќе да се јавува на работа во местото каде што служеше оваа година. Тој може да биде вратен назад или назначен во друго село. Очевидно е дека положбата во Дабница е крајно трагична за децата и нивните родители и не дава услови за позитивна и безопасна работа. Јас знам дека оние 16 души од селото се убиени. А тоа не е добро за учителот со оглед на очајната положба на месните луѓе. 
… Макар до сега да не пострадал     ниту еден учител, сепак разбојниците ги терале да ги напуштат селата и да си заминат во стара Бугарија, бидејќи „нашето население не било бугарско, тие сакаат да го побугарчат.“ Во Крушевско тие изјавиле дека Македонија си има учители кои ќе обучуваат на македонски и сакаат повеќе да не ги видат во селото… тоа исто било и во с. Мажучиште (Прилепско) со таа разлика што тука не ги бркале да си одат, но барале од учителот и учителката да не ги учат децата на бугарски, ами на македонски и дека тие ќе водат сметка за исполнување на нивната наредба.
… На 5 октомври кон 5 часот вечерта по видело во селото Журче влезе разбојничка чета. Учителката земена од нив од училиштето била принудена да отиде насред село каде што биле собрани и други селани. Таму бил одведен и учителот штотуку дојден од стара Бугарија…
Разбојниците се ракувале со селаните, држеле говори на македонско наречје против Бугарија и Германија, меѓу себе говореле цинцарски, испеале четири песни македонски – „Изгреј зора“, „Миле Поп Јорданов“, „На Ѓорѓи Сугарев“ и уште една. Започнале да ја судат учителката дека преку летото како членка на реквизиционата комисија била многу строго исполнителна и не им правела остапки на селаните…
… Од Битола дошла полиција, започнала испитување коешто завршило со тепачка на сите селани што се ракувале со разбојниците… Учителите ми раскажуваа дека селаните биле толку жестоко тепани, што рацете им биле подуени, и учителката ги преврзувала со некакви тревки за да им ги олесни болките… Селото личело на мачилиште.
… Селаните ги молеле учителите да отидат заедно со нив во Битола и да протестираат за насилствата, но никој не се решил да го направи тоа плашејќи се од одмазда на полицијата…
Од горното се гледа трагичната положба на нашите селани… Со тоа сакам да истакнам пред Вас, колку лош тек на околностите имаме во Македонија којшто влијае неповолно врз духот на нашето население. Ако смеам да ги формулирам грешките што стануваат, доста успешна е следната определба: во неспособноста да биде најден и казнет смелиот виновник којшто атакува, ударот се стоварува во духот на народната пословица: место на коњот – на самарот; со сувото изгорува многу често и суровото. А при големата чуствителност на населението, коешто и од Србите бипе прогнувани, таа појава е вистинска несреќа…. “
(ЦДИА, – Ф. 177. Оп. 2. 1866. Пг. 77878)
Бугарските учители, свештениците и другите културно просветни работници кои по окупацијата беа донесени во Македонија имаа за цел да ја спроведат денационализација. Тие беа задолжени да ја следат политичката расположба на народот и како тој гледа на бугарските власти, потоа да го следат движењето на партизанските единици, да известат дали покрај бугарската постои и некоја друга пропаганда меѓу населението.
Црнушанов кој ја следеше работата на училиштата имаше добар преглед на она што се случува во Битолската училишна област и беше свесен дека теророт кој го спроведуваат бугарските воени и полициски власти врз населението може да има само спротивен ефект, за што на крај од својот извештај и опоменува.
Во 1944 година, Коста Црнушанов повторно заминува за Бугарија, каде останува до крајот на животот. Тој се декларира за Бугарин од Македонија. Но, од овој, како и од други извештаи, се гледа дека тој не е имун на страдањата на своите сограѓани. Тој добро знае кој е и прави разлика меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Преземено од:mn.mkКоста Црнушанов (Прилеп, 23. I. 1903 – Софија, 10. X. 1996) е општественик од Бугарија, деец на ВМРО, историчар, публицист и фолклорист. Авто

Пронајдете не на следниве мрежи: