Дали навистина медот мора да се јаде со дрвена лажица?

Сите сме го слушнале народниот совет дека пчелните производи никако не смеат да се консумираат со железна лажичка, туку со дрвена. Дали аргументите за тоа се навистина толку силни? Една позната богерка и дипломиран инженер по прехрамбена технологија објаснува дека постојат три причини зошто луѓето го тврдат тоа:
-Мислат дека ја познаваат хемијата: Обидот да се објасни оваа препорака е дека наводно доаѓа до хемиска реакција меѓу медот и металната лажица. Според објаснувањето, медот има ниска pH вредност (кисела средина), што пак, го поттикнува за’рѓувањето на металот, и медот ги губи своите хранливи својства. Медот има pH вредност околу 3.9 и ако одиме по оваа логика, со метална лажица не смееме да јадеме ни сирење, кисела зелка, кисело млеко, туршија, овошје, домати и безброј други намирници со поголема киселост од медот.
Металната лажица е направена од интертен материјал, т.е. направена е така при нормална употреба да не стапува во никаква хемиска реакција со храната. Освен тоа, машините за правење мед се метални, кантите за мед се метални. При аналитичката контрола, медот се одмерува со метална лажица, а и сондата за примероци е исто така, метална.
Ако ништо друго, за да постои проблем во контактот со медот и металните апарати би морале да постојат и законски ограничувања, барем во делот за контрола на квалитетот на храната.
-Затоа што „така слушнале“ или „така треба“: Аргументациите како: медот мора да се јаде со дрвена лажица бидејќи така треба, така ми кажа баба ми и слично, само ни потврдуваат дека луѓето отсекогаш настојуваат да ја прават истата работа затоа што „така отсекогаш се правело“, без да се запрашаат зошто е тоа така.
-Се работи за луѓе кои продаваат дрвени лажици: Во целата оваа приказна, најголемо оправдување за тврдењето дека медот мора да се јаде токму со дрвена лажица имаат луѓето што продаваат вакви лажици.
Што е вистинскиот одговор?
Вистината е дека медот може да се јаде со дрвена, пластична или метална лажица. Можеме да го јадеме директно од теглата или да ја ставиме главата во кошницата. Медот нема да ги изгуби добрите состојки. Медот е многу добра намирница во периодите кога владее грипот и настинката. Како што народот вели: Најважно е да ни падне лажицата во медот, а каква лажица – тоа е сосема неважно.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.