Лауреат на наградата „Голема Ѕвезда“, што ја доделува Друштвото на филмски професионалци на Македонија, е светски познатиот продуцент САЈМОН ПЕРИ/ SIMON PERRY. Оваа награда му се доделува за исклучителните резултати во продуцирањето на најуспешниот македонски филм „Пред дождот“ и откривањето на талентот на Милчо Манчевски.Наградата ќе му биде свечено врачена за време на годинашново издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
Сајмон Пери влегува во британската филмска индустрија во 1974 година. Во текот на следните осум години работел како независен филмаџија (ЈАЗЛИ, 1975; ЕКЛИПСА, 1976), како филмски новинар за „Варајети“ и како раководител на Националниот фонд за развој на филм на Обединетото Кралство.
Во 1982 година ја основа својата продукциска куќа „Амбрела филмс“, која продуцирала или копродуцирала 10 играни филмови, како и документарци и кратки филмови. Од играните ги издвојуваме: ДРУГО ВРЕМЕ, ДРУГО МЕСТО (1983), ИЛЈАДА ДЕВЕТСТОТИНИ ОСУМДЕСЕТ И ЧЕТВРТА (1984) и БЕЛА ПАКОСТ (1988) на Мајкл Редфорд; ЛАБАВИ ВРСКИ (1983) на Ричард Ејр; НАНУ (1986) на Кони Темплмен; ХОТЕЛ ПАРАДИ (1986) на Јана Бокова; и ПЛЕЈБОИ (1991).
Во 1991 година Сајмон Пери бил назначен за извршен директор на Британскиот фонд за ТВ и за филм („Бритиш скрин“), државна агенција на Обединетото Кралство за развивање и продукција на филмови. Ја водел организацијата речиси 10 години, до 2000 година, кога се споила со Филмскиот совет на Обединетото Кралство.
Истакнатите успеси на Бритиш скрин под раководство на Сајмон Пери ги вклучуваат ИГРАЧКА-ПЛАЧКА на Нил Џордан, ОРЛАНДО на Сали Потер, ГОЛ на Мајк Ли, ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски, АНТОНИИНАТА ЛОЗА на Марлин Горис, ЗЕМЈА И СЛОБОДА на Кен Лоуч, ЛИЗГАЧКИ ВРАТИ на Питер Ховит, НИЧИЈА ЗЕМЈА на Данис Тановиќ и ШУТИРАЈ КАКО БЕКАМ.
Од 2000 година Сајмон Пер работи како креатор на наставната програма и предавач во Меѓународната филмска школа во Келн и како визитинг-професор по филмска продукција во Школата Алто во Хелсинки.
Од 2006 до 2011 година бил извршен директор на Ирскиот филмски одбор. Филмовите поддржани од ИФО под раководство на Пери ги вклучуваат ЕДНАШ на Џон Карни, ГАРАЖА на Лени Абрахамсон, БАКНЕЖИ на Ланс Дали, НЕГОВО И НЕЈЗИНО на Кен Вордроп и СТРАЖАРОТ на Џон Мајкл Мекдона.
Во текот на 2015 година Сајмон Пери бил директор на Интернационалната продукција во „Филм и Васт“, во западна Шведска, а сега е виш консултант за овој регионален филмски фонд. Копродукциите за кои бил одговорен ги вклучуваат филмовите – полскиот ОБЕДИНЕТИ ДРЖАВИ НА ЉУБОВТА на Томаш Василевски и финскиот НАЈСРЕЌНИОТ ДЕН ВО ЖИВОТОТ НА ОЛИ МАКИ на Јухо Куосманен (селектирани во компетицијата „Камера 300“ на 37. издание на „Браќа Манаки“).
Тој е претседател на Ателјеа за европски филм (АЕФ), иницијатива што обезбедува напредни обуки за филмски продуценти од 1993 година. Во името на АЕФ, тој неодамна ја создаде „Размена на најдобри пракси“ (РНП), форум за лидери од агенциите за финансирање филмови, секаде каде можат да дискутираат за нови начини за интервенирање во филмскиот пазар.
Сајмон Пери е носител на францускиот Орден за уметност и за литература и на Орденот на командир на Редот на британската империја (РБИ).
Наградата ќе му биде свечено врачена за време на годинашново издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.