ПРОМОЦИЈА НА ЗБИРКАТА „ЧЕКАЈЌИ ЈА ИСТОРИЈАТА“ ОД ЗВОНКО ТАНЕСКИ

4 јули 2016, Скопје – Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство ја најавува промоцијата на новата поетска збирка на Звонко Танески, Чекајќи ја историјата, која ќе се одржи на 6 јули 2016 година (среда) во кафе-книжарница „Магор“, со почеток во 20 часот. Промотор на делото ќе биде проф. д-р Наташа Аврамовска, а стихови ќе интерпретира поетот Ѓоко Здравески.
 Во својот нов поетски ракопис, Звонко Танески несомнено, јасно, промовира една комбинирана поетичка стратегија преку вкрстување на принципот иронија со принципот мемоар, на гномичноста со телеграфската опсервација, преку заемно надополнување на цикличноста со/и елиптичноста. Тематски, во збирката преовладуваат еротски или еротизирани описи и асоцијации, иако се забележува и една нескриена чувствителност на политичкото битие на светот, на нашиов, овдешен/тукашен свет, со извесни македонски вредносни гами. Во песните се проектираат и слики од современото урбано секојдневје, во кои се насетува цинична интонација. Песните на Звонко Танески умеат и да оперираат со реминисценции и со алузии на литературни, филмски и културни интертекстови, така што семантиката на песната е само навидум едноставна и препознатлива (клиширана).
 
„Поезијата на Звонко Танески има свој круг на читатели, своја перспектива во рецепцијата, во преводот, така што верувам дека и оваа збирка, Чекајќи ја историјата, ќе наиде на добар прием, како кај домашната така и кај странската публика“, пишува во рецензијата кон книгата академик Катица Ќулавкова.
 
Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
 
Звонко Танески (1980) е поет, книжевен преведувач и критичар, редактор, антологичар, доктор по филолошки науки. Работи како универзитетски професор на Катедрата за словенски филологии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава. Редовен член е на Клубот на независни писатели при Асоцијацијата на писателски организации на Словачка (од 2006 година), на Меѓународната асоцијација на писатели и публицисти (Authors and Publicists International Association) – МАПП/APIA (од 2014 година) и на Словенската литературна и уметничка академија (од 2016 година); почесен член на словачкиот ПЕН-центар (од 2013 година), а исто така и редовен член на повеќе домашни и европски уметнички и научни институции и на главни научни бордови на меѓународни академски списанија. Добитник е на повеќе книжевни и научни награди во Македонија и во странство. Има објавено неколку поетски книги: Отворени врати (1995),Хорот на гнилите лисја (2000), Срт (2003), Чоколада во портфолио (2010), Нежности без гарантен лист (2012) и Чекајќи ја историјата (2016). Автор е и на поголем број лингвистички трудови и монографии. Учесник на голем број книжевни фестивали во Македонија и во светот. Негови песни, есеи и културолошки согледби се преведени и објавени на англиски, италијански, шпански, словенечки, српски, хрватски, босански, албански, бугарски, есперанто, руски, украински, полски, чешки и на словачки јазик, а дел од неговото творештво е уште публикувано или претставено, на различни јазици, во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Италија, Шпанија, Латвија, Република Ирска, Чешка, Словачка, Полска, Русија, Индија, Колумбија, Филипини и САД.
 
 Во својот нов поетски ракопис, Звонко Танески несомнено, јасно, промовира една комбинирана поетичка стратегија преку вкрстување на принципот ирониј

Пронајдете не на следниве мрежи: