Верувања за Св. Наум Охридски за моќта да лекува

Во преданијата и легендите се раскажува за изборот на местото, за лекувањето на лица од страна на светителот и подарување имот на манастирот, за подарување на камбани и други дарови на манастирот, итн. Се раскажува за изборот на местото за изградба на манастирот: „Кога починал свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел свети Наум на Земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: ʼОна е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогашʼ. Ете зошто свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро“, заклучува народниот раскажувач.
Меѓу преданијата и легендите се раскажува и за канењата за панаѓурот, за лебот што се давал пред манастирската порта, а што бил и гаранција за патниците да не бидат ограбувани од разбојниците, за тоа дека св. Наум ги благословил плуговите од Трпејца, воловите од Тушемишта, се раскажува за Охридското Езеро, за лековитиот извор, зошто во Љубаништа не паѓа град, за почитувањето на манастирот од Бекташите, од Еѓупците, за лекување на болни од страна на св. Наум и тоа од најразлични болести, (неми, слепи, луѓе што не можат да одат, душевно болни, итн.). Среќаваме и преданија со верувањето дека свети Наум е жив, односно такви во кои се раскажува за облогот дека чашата или грнето, или бокалот со вино, пуштен од прозорецот нема да се скрши, или да се истури.

Тоа навистина се случило, но светецот му се јавил на сон на оној што се обложувал и го прекорил да не се обложува повеќе зашто тогаш бил близу и дошол, а ако бил подалеку можело да се случи манастирот да биде претворен во џамија или да бил одземен од страна на бегот.
Се раскажува и за повеќе диви животни што откако направиле штета светецот ги донесол на манастирскиот имот да ја одработуваат штетата. Мечката што го изела волот самата се прегнала да ора додека не се исплати изедениот вол. Кон преданието „Св. Наум и мечката“ Кузман Шапкарев додал: „Слични приказнички и преданија за св. Наумовите чудеса изобилуваат во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението без разлика на вера и народност кои ги манифестира кон св. Наума“. Во некои преданија се работи за волк што ора на местото на волот, а во едно предание волкот што ги изел кучињата самиот дошол да го чува манастирот. А кога манастирските момци го отепале, игуменот ги прекорил зашто тој бил доведен од светецот „за да биде жив сведок за силата на свети Наум“. За преданието за свети Наумовата мечка, но и за интернационалната димензија на мотивот споредбена студија објави словенечки фолклорист Милко Матичетов. Итн.
Во овие народни умотворби се раскажува и за оживување на дете што е во безсознание, за спасен човек во авионска несреќа, за излекување на повреден Германец, за добивање рожба по десет, дванаесет или тринаесет години и по молитви пред светителот, за казнувањето на арамиите што убиле припитомена срна, за казнувањето на крадците, на тие што се мајтапеле со св. Наума, на тие што сечеле во вакафски имот, на тие што сакале нешто да земат од манастирот (бакарно табаче, манастирски маски, манастирска мачка, иконче, прибор за јадење, шише ракија, сребрена виљушка, две гуски, патка, итн.).
Значи, култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и сè уште се создаваат што од една страна зборува за сè уште живиот култ на светителот, а од друга страна за сè уште живата фолклорна традиција во Македонија.


Тропар
Свети Наум Охридски
Соединувајќи се со Христа, си го оставил светот; живеејќи со дух, телото си го распнал, преблажен Науме. Си се стремел како апостолите да се подвизаваш и безбројното мизијско множество во верата си го вовел. Така и нас со твоите молитви избави не од искушенија.
Св. Наум и мечката
Едно време кога орачите од св. Наумовијот манастир си орале на нивјето, им дошла една мечкаʼ та им изела еден од орачќите волоʼи. Ралото или плужницата им останала со еден вол, та не можело веќе да се орат.
Орачот со трчање дошол вʼ манастирот и му казал Егуменотому, оту мечката дошла на нива, та му го изела еднијот вол: „Сега немам, рекол орачот, со шчо да доорам нивата.“ – „Ходи си ти на нива, му рекол Егуменот; тамо ќе си го најдиш волот на плугот, фпрегнат во јаремот.“
Орачот си оʼшол на нива, кога шчо да видит? ‒ Чудо големо ‒ мечката шчо го изела волот, фпрегната била на плугот во јаремот, заедно со друѓијот вол. Орачот си доорал нивата со еднијот вол и со мечката до него, фпрегната во јаремот.
И до ден денеска тоʼа чудо стојт написано на иконата св. Наумова и на камењата на стʼрните од мостот Дримски, близу до манастирот.
(Вакви прикаски и преданија за св. Наумовите чудеса изобилува во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението, без разлика на вера и народност, кои тоа ги манифестира кон св. Наума.)
Кузман Шапкарев
Манастирот Свети Наум


Овој манастир е подигнат од св. Наум Охридски чудотворец и го носи неговото име. Попознат е како манастир „Свети Наум Охридски“ иако црквата е посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Во житието на св. Наум се вели дека црквата била подигната на јужниот брег на Охридското Езеро и дека била посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Манастирот повеќепати страдал од пожари и уривање, по што пак бил обновуван. Едно време бил важен просветен центар. Во него во почетокот на 19 век се школувал и Димитрија Миладинов.
Во црквата се наоѓа и гробот на св. Наум Охридски и многу луѓе од разни вери и националности го посетуваат и бараат исцеление. Околу манастирот има повеќе свети води, Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.

Пронајдете не на следниве мрежи: