Закерберг ја објави визијата за вештачката интелигенција: Иднината на вештачката интелигенција достапна за сите

Основачот и извршен директор на „Мета“, Марк Закерберг, изјави дека поширокиот пристап до моделите на вештачка интелигенција е клучен за безбедноста и развојот на индустријата.

Основачот и извршен директор на „Мета“, Марк Закерберг, објави манифест од 6.500 зборови за иднината на вештачката интелигенција наречен „Иднината е за сите“, во кој нагласи дека поширокиот пристап до моделите на вештачка интелигенција е клучен за безбедноста и понатамошниот развој на целата индустрија.

– Среќни сме што живееме во неверојатен момент во историјата. Во следните неколку години, луѓето ќе можат да користат суперинтелигенција што го надминува човечкиот капацитет за да создаваат и откриваат извонредни нови работи, да градат нови бизниси, да изразуваат нови идеи, да учат нови концепти и да го подобруваат своето здравје и квалитетот на живот – рече Закерберг.

Во есејот, тој директно го оспори ставот на конкурентските стартап компании Open AI и Anthropic  дека вештачката интелигенција е толку опасна што нејзината контрола мора да им се довери само на неколку моќни институции.

– Историски гледано, надежта дека апсолутна, централизирана власт добронамерно ќе се грижи за човештвото ретко завршувала позитивно. Доколку суперинтелигенцијата остане заклучена во неколку големи корпорации, влади или во самата себе, рамнотежата може значително да се наруши на штета на поединецот – предупреди шефот на Мета.

Според него, вистинската вредност на технологијата не лежи во едноставната автоматизација на постојните работни места, туку во инвентивноста. Кога секој човек ќе има алатка со извонредна моќ во своите раце, целото општество ќе може полесно да ја обликува својата иднина, рече Закерберг.

Тој претстави визија во која секој човек ќе има доверлив дигитален асистент кој ги разбира неговите цели, здравје, финансии и хобија, со приватност заштитена со систем за енкрипција од крај до крај.

Поединци и мали тимови ќе можат да развиваат апликации, да дизајнираат производи или да водат високопрофитабилни бизниси без потреба од огромен капитал, што ќе доведе до подинамична економија и повисоки стапки на вработеност, според Марк Закерберг.

Како што изјави тој, секој студент и возрасен ќе добие приватен тутор со докторско знаење од која било област, подготвен да го прилагоди темпото и методот на настава на индивидуалните потреби.

Развојот на отворени биолошки модели и примената на научни методи ќе овозможи создавање персонализирани терапии и побрзо пронаоѓање лекови за ретки и сериозни болести, истакна тој.

Со нудење бесплатни верзии и ефикасни механизми за дистрибуција на компјутерски ресурси, напредната технологија станува достапна за милијарди луѓе, а не само за привилегирана елита, се наведува во есејот.

Цукерберг ги отфрли загриженостите изразени од креаторите на политиките во Вашингтон, па дури и од некои во Силиконската долина, дека вештачката интелигенција ќе резултира со „помалку работни места во целина“.

Наместо тоа, лидерот на Мета гледа свет во кој има „повеќе компании со помалку луѓе“ вработени во секоја фирма. Закерберг со години предупредува дека Кина претставува технолошка закана за САД, а неговиот есеј уште еднаш предупреди на ризикот Вашингтон да ја изгуби предноста во однос на Пекинг ако американските законодавци станат премногу строги со правилата и прописите за вештачката интелигенција.

– Американските заедници ќе имаат поголем просперитет и безбедност ако Америка и нејзините сојузници предводат во вештачката интелигенција во споредба со геополитичките ривали – напиша тој.

Тој ги пофали мерките на САД за ограничување на продажбата на напредни чипови за вештачка интелигенција и друг хардвер во Кина, со порака дека политиката треба да продолжи, според есеј објавен на веб-страницата на компанијата „Мета“.
The post Закерберг ја објави визијата за вештачката интелигенција: Иднината на вештачката интелигенција достапна за сите appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: