Во Вевчани се одржува Саем на органска храна

Земјоделци, пчелари и туристички работници од руралните средини денес во Струшко ги претставија своите производи во Вевчани на Саемот за органска храна „Органско на нива, традиционално на трпеза“. Саемот е дел од проектот „Органска фарма – Рурална кохезија за зголемен потенцијал на руралниот туризам и одржлив економски рурален развој”, имплементиран од здружение Креативен центар „Рурбанкулт-Струга“ и Здружение на пчелари „Матица 2012“.
Саемот, како што истакна координаторката на проектот Зора Кленкоска, го промовираше локалното органско производство на здрава храна и нејзината понуда како традиционален рурален туристички производ, односно фармерскиот туризам, кој автентично го доловува или исполнува пакетот туристички услуги во руралната средина.
– Акцентот се става на стимулирање на развојот и зголемувањето на земјоделското производството на локалната здрава храна и нејзина примена во функција на руралната туристичка понуда. Настанот ја презентираше кохезијата на формите на рурални дејности, кои најчесто се одвиваат како интегрирани активности и можноста со нивното поврзување во географски подрачја да претставува потенцијално остварување на приходи, посочи Кленкоска.
Крајната цел, додаде, е поврзување на чинителите на руралните средини и нивна меѓусебна соработка од заеднички интерес, интегрирано дејствување во бизнис сферата, зголемување на сопствените приходи, а со тоа зголемување и на економскиот одржлив развој на руралните заедници.
За производството, доработка и преработка на органска храна говореше Горан Колев, земјоделски инжињер, експерт за органска храна со сертификат од сертификационото тело на ПРО ЦЕРТ.
Настанот на кој покрај посетители од Струга и Струшко имаше и гости од Дебарско, Охридско и Кавадаречко заврши со дегустација на вкусните традиционални специјалитети од локална органска храна, подготвени од локалните угостителски мајстори.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.