Модната куќа Victoria’s Secret го претстави новиот градник Fantasy Bra со кој ќе ја отвори годинашната ревија на долна облека.
Честа да го носи „градникот од соништата“ оваа година ѝ припадна на Швеѓанката Елса Хоск, модел со седумгодишен стаж меѓу Ангелите на Victoria’s Secret.
Градникот го дизајнираше Swarovski и се состои од 21.000 дијаманти, а неговата вредност се проценува на 1 милион долари.
Изработката на Fantasy Bra траеше 930 часа, а покрај градникот, Елса ќе носи и кристален ѓердан и белегзија што за Swarovski ги дизајнираше Кристофер Кејн.
„Ова е најубавиот градник што некогаш сум го видела и одлично се вклопува во мојот личен стил. Ме враќа во 90-тите и целиот е направен од дијаманти – тоа за мене е совршено“, беше првата реакција на Елса кога го виде градникот.
Ланскиот Fantasy Bra чинеше двојно повеќе и беше изработен од злато и опточен со повеќе од 6.000 скапоцени камења, меѓу кои дијаманти, жолти сафири и син топаз. Го носеше Лаис Рибеиро.
Годинашната ревија на Victoria’s Secret ќе се одржи задутре, на 8 ноември, во Њујорк.