Агенцијата за храна и ветеринарство се зафати со создавање услови за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Како што соопштија денес испратен е допис до сите општини кои имаат законска обврска за воспоставување на соодветен систем за контрола на популацијата бездомни кучиња.
– Од страна на официјалните ветеринари се вршат контроли дали локалните самоуправи имаат донесено план и програми за контрола на популацијата бездомни кучиња и во која фаза на реализација се во делот на изградба на прифатилишта за бездомни животни, како најсоодветен систем за контрола на популација на кучиња кој општините имаат законска обврска да го воспостават, наведува Агенцијата.
Бидејќи со контролите се констатирани неусогласености кај дел од општините даден им е рок за нивно отстранување. Доколку не го сторат тоа, согласно законските надлежности, АХВ ќе изрече и законски казни. Во соработка со Ветеринарната комора и ветеринарните друштва, од септември годинава се спроведува процесот на идентификација на милениците, за што АХВ обезбеди 100 илјади бесплатни микрочипови. Во модулот за домашни миленици во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство во моментов се евидентирани 21.809 миленици, од кои најголемиот број се кучиња.
– Како одговорна институција ги потсетуваме граѓаните дека имаат законска обврска да ги идентификуваат своите кучиња и мачки со микрочипови и затоа апелираме да ја искористат можноста и тоа да го сторат во рамки на кампањата за бесплатни микрочипирање на милениците, се наведува во соопштението на АХВ.
Донацијата на микрочиповите е еднократна. Кампањата се спроведува по принципот „Прв дојден, прв услужен“ и ќе трае до 31 март 2019. година, односно додека не се потрошат набавените количини, велат од АХВ.
– Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците е дел од тригодишната стратегија што ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство за да се обезбеди здравствена заштита и благосостојба на животните, да се поттикне одговорното сопствеништво и да се намали бројот на кучињата скитници по улиците низ државава, наведува АХВ.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.