Во Загреб денес се одржува работниот дел од средбата на лидерите на 18-те земји членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ). Самитот официјално започна синоќа со свечена вечера во хотелот „Еспланада“. Од вкупно 18 држави членки на ЦЕИ, во Загреб пристигнаа само петмина премиери – Петер Пелегрини од Словачка, Вјорика Данчила од Романија, Еди Рама од Албанија, Зоран Заев од Македонија и Виктор Орбан од Унгарија. Останатите членки ги претставуваат амбасадори или други претставници.
Како што јавија хрватските медиуми, покрај највисоките претставници на хрватските власти, учесниците на Самитот пред хотелот „Еспланада“ ги пречекаа и група демонстранти, кои протестираа против учеството на унгарскиот премиер Виктор Орбан на собирот. Демонстрантите носеа транспаренти „ХДЗ – прва линија на Орбан“, „Депортирајте го Орбан, а не бегалците“ и „Смрди на фашизам“. Организатори на протестите беа Центарот за мировни студии, иницијативата „Добредојдовте“ и невладината организација Граѓаните организирано го надгледуваат гласањето (ГОНГ).
– Секаме Европа и ЕУ во која подеднакво важат човековите права и подедналво важи владеењето на правото и во која нема црни оази, како што е Унгарија, каде се загрозуваат темелните вредности, изјави за ХИНА претставничката на ГОНГ, Јелена Берковиќ.
На денешниот дел од Самиот на ЦЕИ, покрај лидерите на земјите членки на Организацијата или нивни претставници, ќе учествува и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.