Цуцуловски: Две востанија

ДВЕ ВОСТАНИЈА (2). Во ситуација во која ништо ново не се случува во македонското општество (работите дури и ескалираат) човек и не може ништо ново да каже/напише. Затоа, продолжувам со праксата на преобјавување на некои мои постови. Во овој случај тоа е постот „Две востанија“, од 30.11.2017.
„Не вреди да се пишува, анализира, објаснува, бидејќи скоро сѐ е јасно. На 27.04.2017 во Собранието (с у к ц е с и в н о) се случија две востанија. Првите востаници, наспроти Уставот (во кој не е предвидено второ давање на мандат), надвор од сите закони, како и надвор од Деловникот за работа на Собранието, претходно прекинатата седница ја продолжија, како и да не била прекината, т.е. ја продолжија без оној кој едиснтвено можеше да ја продолжи, ниту објаснија врз основа на кој член од Уставот, законите и Деловникот ја презакажуваат/продолжуваат прекината седница. Се избра, наспроти легислативата, претседател на Собранието. На 17 мај, Претседателот на Република Македонија, по втор пат (надвор од Уставот) мандатот го дава на друг човек, кој на 31 мај е избран за премиер. Тој, пак, формира влада. Следот на настаните е наспроти законската процедура. Она што е надвор од законската процедура, не би можело да се смета за демократско, легално. Тоа говори и за легалноста на резултатите од првото востание.
Непосредно после првото востание, се случува второто востание. Во него, востаниците насилно влегуваат во Собранието, заземаат собраниски простории и вршат физички напади. Неколку часа потоа, интервенира полицијата. И, со него, како сѐ да завршува, или така се чини – дека сѐ завршува.
Ниту едно востание, сеедно од кои причини е мотивирано, не може да има легалитет – бидејќи ниту законите, ниту Уставот предвидуваат востанија – макар што (можеби) имле легитимитет. На 28 ноември 2017 првите востаници одлучуваат дел од вторите востаници (36 на број) да ги притворат. Значи, првите востаници (наречени власт) ги притвораат вторите востаници (…) На тој начин, Република Македонија станува притвореник/затвореник на „своите“ „политичари“, како резултат на непочитувањето на Уставот и законите, како и на нивните незаситни амбиции. Останува оние кои ја водат политиката (ако такво нешто постои во Р.М.), сеедно дали се на власт или во опозиција, да најдат решенија, кои би биле во рамките на Уставот и з а к о н и т е, неиспуштајќи ги од вид како второто, така и првото востание, кое временски му претходеше на второто. Во спротивно, сѐ ќе заврши во хаос, од кој тешко ќе се најде нормален и легален излез. Мора веќе еднаш работите да се вратат во македонските институции, без странски интервенции.“
ЕПИЛОГ. Во меѓувреме, се случија и некои очекувани настани – како што се, на пример, Договорите со Грција и Бугарија. Меѓутоа, тие ништо битно не менуваат во зацртаната политика, која се најавуваше уште пред 27 април 2017. Ново е, ако е ново, што првите востаници им судат на вторите востаници, подготвувајќи некаков закон за амнестија. Можеби (некогаш) ќе се случи и обратното, бидејќи кога еднаш некој ќе се стави над законите, го отвора истиот пат и за другите.
Цинизмот и иронијата немаат крај. Сепак, тоа не е причина заради Никола да не се сака Св. Никола. Нека е среќен празникот на децата, морнарите и на сите што се наоѓаат на пат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.