Тинејџерките имаат двојно поголема веројатност за појава на депресија поврзана со користењето на социјалните мрежи, во споредба со тинејџерите, најмногу поради онлајн злоставувањата, пореметувањата во спиењето и незадоволството од сопствениот изглед, изјавиле истражувачите.
Во истражувањето кое ги анализирало податоците на речиси 11 илјади млади луѓе во Велика Британија, истражувачите заклучиле дека 14-годишните девојчиња се почести корисници на социјалните мрежи, од кои 2/5 ги користат социјалните мрежи повеќе од три часа во денот, додека тоа го прават само 1/5 од момчињата.
Студијата покажала дека 12 отсто од умерените корисници на социјалните мрежи и 38 отсто од оние кои социјалните мрежи ги користат повеќе од пет часа во денот, покажуваат знаци на сериозна депресија. Пореметувањата во сонот се појавуваат кај 40 отсто од девојчињата и 28 отсто од момчињата, а токму лошото спиење и анксиозноста се поврзани со појавата на депресија.
Ивон Кели, професорка на лондонскиот Институт за епидемиологија, која е еден од водечките истражувачи во студијата, ги повикала родителите и политичарите да обрнат поголемо внимание на овој проблем.
“Овие резултати се релевантни за развојот на насоките кога е во прашање сигурното користење на социјалните мрежи и ја повикуваат оваа индустрија поодлучно да ги регулира часовите на користење на социјалните мрежи кај младите луѓе”.Кели додала и дека семејствата сериозно треба да размислат за ограничување на користењето на мобилните телефони кај своите деца и да постават граници кога и каде е во ред да се поминува времето на социјалните мрежи.