Изминатата седмица е регистриран еден смртен случај од компликации од грип. Се работи за 63-годишен пациент од Кавадарци, кој имал срцеви заболувања и починал на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Вкупниот број на починати од грип, сите невакцинирани, сезонава изнесува 23, изјави денес епидемиологот Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.
Изминатата седмица во државава се регистрирани 975 заболени, што е за 38 насто помалку од претходната седмица. Од вкупниот број починати, појасни д-р Кузмановска, двајца се од Кавадарци, двајца од Кичево, а повеќе од 50 отсто од нив се од Скопје.
– Се движиме на крајот од сезонава и очекувано се намалува бројот на заболените. Малку неочекувано и бавно се намалува бројот на позитивните докажани причинители на грипот кои се докажуваат во ИЈЗ. Тој процент се уште се движи околу 45. Очекуваме во наредните седмици да се намалува. Се уште доминира инфлуенца А H1 поттипот во однос на H3N2, но како и во останатиот дел од Европа регистрираме мало, сосема лесно зголемување и приближување на инфлуенца H3N2 поттипот во однос на процентуалната застапеност“, изјави д-р Кузмановска.