Овој сладок омлет може да го јадете во секој дел од денот, а во комбинација со свежо овошје, шлаг или, пак, чоколадо ќе добиете незаборавно слатко задоволство…
За омлетот:
3 јајца
100 г шеќер
1 ванилин шеќер
50 г нишесте
изрендана кора од портокал
За преливот:
3 лажици џем од портокали или смокви
1 портокал
Подготовка:
– Во еден сад ставете ги жолчките, шеќерот и ванилиниот шеќер и пенесто изматете ги.
– Потоа додадете го нишестето и убаво измешајте.
– Белките изматете ги во густо шне и додадете ги во смесата со жолчки. Потоа додадете ја и изренданата кора од портокал. Полека измешајте.
– Подготвената смеса сипете ја во округла тава за печење со дијаметар од 26 см и ставете да се пече во загреана рерна на 180 Целзиусови степени околу 15 минути.
– Џемот помешајте го со сокот од портокал и ставете го на тивко малку да се загрее за да се растопи убаво и да добиете хомогена смеса.
– Печениот сладок омлет малку изладете го, исечете го на парчиња и послужете го прелиен со преливот од џем и сок од портокал.
Идеја: Слаткиот омлет можете да го послужите со свежо овошје, шлаг или, пак, чоколадо.