ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција
Демократската Фракција на ВМРО ДПМНЕ свесна за ситуацијата во која се наоѓа државата и партијата, јавно се обраќа со отворено писмо до членството на нашата партија надевајќи се дека конечно ќе надвладее разумот, наместо калкулантските политики како и нереалните самоумислени желби и амбиции на поедини персони во врвот на партијата. Сметаме дека е крајно дегутантно, изнасилено да се наметнува победничка еуфорија во услови кога партијата има освоено најмал број гласови од 2008 година па се до денес. Овој број на освоени гласови (319.224) е помал дури од бројот на освоени гласови на минатите локалните избори (335.034) кога партијата катастрофално изгуби, а шеф на Изборниот штаб беше токму Христијан Мицковски. Дури и прецизната ,,мицкова математика” не може да ги оправда и да ги надомести помалку освоените 130.000 гласа во однос на претходниот резултат на Иванов (449.442 гласа во прв круг). Сакаме да потсетиме дека токму Мицковски е тој кој ветуваше победа со освоени повеќе од 450.000 гласа со соросовиот претседателски кандидат, за жал во минатото лесно достижен, а сега само посакуван број на гласови. Затоа за нас оваа вештачка победничка еуфорија која по наредба ја глумат стотина партиски лица не може да ја намали одговорноста за неуспехот на овие избори, ниту пак да ги покрие лошите и штетни досега водени калкулантски политики на наметнатото грујовистичко раководство.
Доколку Мицковски и неговата најблиска партиска братија послушаа барем дел од нашите досегашни добронамерни укажувања и совети, доколку пратениците на ВМРО ДПМНЕ постапеа по барањето на Фракција навреме да поднест оставки во Собранието на РМ и доколку Мицковски при неговата прошетка по Македонија не бегаше од искажување на јасен став за
договорот од Преспа и референдумот, а наместо тоа говореше за загадениот воздух и магла (читај продаваше ветер и магла на чесното членство), немаше да ни се случи Преспанскиот договор, распарчување на пратеничкта група, селективната амнестија како и насилната промена на Уставот и името на нашата држава. Истовремено ќе имавме можност да победиме на издејствуваните предвремени парламентарни избори како и да составиме вмровска влада.
Очигледно дека овие добронамерни совети и укажувања беа послаби од влијанието и советите на бегалецот од Будимпешта, од сервилноста и понизните ветувања пред еврокомесарите во заминување наспроти националното и лично достоинство. За жал нашите укажувања беа послаби и од силните настојувања по секоја цена сторениот криминал и зло од довчерашни сопартијци, соработници и ментори да се претстави како
нормална работа, да се ослободат сторителите односно истиот да се релативизира.
Поради сето ова се доведовме во ваква ситуација во која сме сега, а која наликува на познатата слика кога човекот е затечен со турнати пантолони до глуждовите. Ниту напред, ниту назад. Но, по се изгледа дека Мицковски и неговата партиска братија решиле да го игнораат овие факти и така со турнати пантолони до глуждови да одат напред во втор круг на изборите и максимално колку што можат да му помогнат на Заев и Пендаровски во спроведување на договореното зад кулисите и далеку од очите на членството и јавноста. Станува сосема јасно дека е посилна желбата да се остане на партиската позиција со цел да се зачува стекнатиот имот спечален од времето на Груевски притоа истовремено да бидат задоволени барањата на европските бирократи, отколку да се заштитат националните, државните и партиските интереси.
Калкултантските, непринципиелни и погубни политики на актуелното раководството на ДПМНЕ дојдоа до израз со кандидатурата на либералката Силјановска (поранешен соработник на Б. Црвенковски), а свое финале по се изгледа дека ќе добијат во вториот круг на претседателските избори. Испиленото кукавичко јаце во гнездото на ДПМНЕ и партиските камикази
учествувајќи во вториот круг на претседателските избори ќе го запечатат за навек историскиот пораз на ДПМНЕ од Заев и неговите соработници. За да не се случи тоа, деновиве кои се пред нас ја даваат последната шанса да се поправи барем дел од лошо водените политики.
За свесно и намерно сторените грешки во корист на политичкиот противник, а на штета на државата и партијата, Мицковски и неговата
партиска братија треба да сносат политичка одговорност. Но, поради чесната и искрена желба да се спаси понатамошната деградација и обезличување на партијата и државата како и да се сопре опасноста од апсолутната власт на СДСМ и ДУИ, Демократска фракција јавно му нуди на
Мицковски гаранција за неговата партиска позиција и фотеља во замена за повик на бојкот на вториот круг на изборите. Со повикот на бојкот Мицковски има шанса од некредибилен и неавторитетен шеф на опозицијата да стане вистински опозиционен лидер, да ја обедини партијата и да ја реализира својата премиерска амбиција.
Сега е вистински и последен момент со повик за бојкот на вториот круг од изборите, ВМРО ДПМНЕ да издејствува нови претседателски и вонредни парламентарни избори со цел на нив убедливо да се победи како и да се спречи се поголемата уцена од партиите на еден дел од етничките заедници во државата. Новите претседателски и парламентарни избори се последна
шанса партијата да се врати на патот на пристојноста, патриотизмот и достоинството потпрени на вредносен компас препознатлив по личната чест и посветеност кон татковината и нацијата, кои ги обединуваат мислата, зборот и делото, а не личните и егоистични или туѓите намери и интереси.
24.04.2019 ВМРО ДПМНЕ-ДЕМОКРАТСКА ФРАКЦИЈА
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.