Алкалоид – резултати од работењето за периодот јануари – декември 2019 година

„Алкалоид“ со раст на консолидираните продажби од 13%, раст на консолидираната нето добивка од 18%, инвестиции во износ од над 1 милијарда денари и 218 нови вработувања во периодот јануари – декември 2019-та

Приходи од продажби

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември 2019 година, продажбите достигнуваат 8.428.009.344 денари, што е за 12% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби пак достигнуваат 11.102.808.123 денари, што е за 13% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби по региони и земји

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 17%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9% и на останатите пазари се остварени 3% од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 268.202.851 денари што е 2 пати повеќе од лани, Русија со продажби од 742.189.553 денари што претставува раст од 91%, Германија со остварени 75.689.421 денари и раст од 57% и Велика Британија со продажби од 315.923.440 денари што претставува раст од 56% споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Романија раст од 42%, Украина раст од 35%, Бугарија раст од 16%, Косово раст од 16%, Црна Гора раст од 9%, Србија раст од 7%, Словенија раст од 7%, Хрватска 5% итн.

Продажби по групи на производи

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 86%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22%, Кардиолошките препарати со 15%, Антибиотиците со 15%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 2%, Козметика со 8% и Билкарство учествува со 4%.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.774.492.371 денари, бележи зголемување од околу 20%, додека единечната нето добивка изнесува 1.007.811.167 денари и е зголемена за 19%.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигна 1.857.857.478 денари и бележи раст од 19%, додека нето консолидираната добивка во износ од 1.015.259.965 денари е зголемена за 18%.

На ниво на групација нето профитната маржа за 2019 година изнесува 9,1%, оперативната маржа е 10,8%, додека ЕБИТДА маржата изнесува 16,7%.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2019 година изнесуваат 1.091.631.671 денари. Вложувањата воглавно се наменети за проширување на производните капацитети.

Во 2019 година започнаа инвестициите во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP). Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

Со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот, во 2019 година започна реализација на проектот за гасификација на локалитетот Алкалоид – Ѓорче Петров. Проектот е вреден над 1 милион евра, а неговата финализација е предвидена во текот на 2020 година.

Вработени

Во периодот јануари – декември 2019 година во Алкалоид се реализирани 218 нови вработувања во РС Македонија. Со тоа на крајот на декември 2019 година во Алкалоид АД Скопје работат 1.653 вработени додека во друштвата и претставништвата во земјата и во странство има вкупно 574 вработени или вкупно 2.227 вработени во групацијата.

Со Одлука на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2019 година, одобрен е и исплатен, регрес за користење на годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето, додека во август 2019 година, одобрено е зголемување на нето платата на вработените за 5,2% почнувајќи од 01.09.2019 година со што просечната исплатена нето плата за декември 2019 година достигна 46.686,00 денари. 

Податоци за акциите

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2019 година се движеше од 8.200,00 денари до 11.901,00 денари или просечно 9.508,11 денари за една акција што претставува раст од 18% во споредба со просечната цена во истиот период од 2018 година. Пазарната капитализација на компанијата во 2019 година надмина 17 милијарди денари.

Бизнис план

Остварените продажби и остварениот профит за 2019 година го надминаа бизнис планот за 2019 година донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018.

Бизнис планот за 2020 година донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2019 година предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на проекциите за 2019 година.

Повеќе за АЛКАЛОИД ПРОЧИТАЈТЕ ТУКА!

Пронајдете не на следниве мрежи: