Изолацијата преку ноќ го замени активниот начин на живот со пасивен, па многу луѓе работат од дома и сè почесто го отвораат фрижидерот, дури и кога не се гладни. Но, за да се заштитите од вирусот, мора да се храните здраво. Затоа, следете ги овие совети што ќе ви помогнат да го избегнете внесувањето непотребни калории и да воспоставите здрав начин на исхрана.
7 совети како да не се здебелите додека сте во карантин
1. Направете распоред и придржувајте се до него
Испланирајте го распоредот за оброци исто како што правите кога одите на работа. Појадувајте, ручајте и вечерајте во исто време секој ден. Ако имате деца, планирајте ги оброците и во согласност со нивните активности. Не заборавајте и на здравите ужинки.
Кога ќе испланирате сè, значително ќе ја намалите можноста да јадете само затоа што ви е здодевно.
2. Планирајте ги оброците
За да го намалите одењето во продавница, направете неделен план за оброци и соодветно на тоа, направете и список на потребните намирници.
Кога ги планирате оброците, планирајте и како можете да го користите тоа за вашиот следен оброк. На пример, можете да направите крем супа од преостаното пире.
3. Пакувајте ја храната
Ако на работа носите ручек спакуван во пластични садови, можете да го сторите истото додека работите од дома. Ставете ги ручекот и ужинките во садови или во ќесички и јадете по потреба.
На овој начин го контролирате внесот на храна и нема да јадете нездрави грицки.
4. Снабдете се со здрави грицки
Консумирањето здрави грицки во вистинско време ќе ви го контролира гладот и ќе бидете полни со енергија и со хранливи материи. Изборот е голем: целер со путер од кикирики, парчиња јаболка со путер од бадеми, сечкани круши со парчиња сирење, овошно смуди, сладолед од банана, пита со маслинки, пуканки итн.
5. Обидете се да им одолеете на нездравите грицки
Пред да посегнете по ќесичката чипс, запрашајте се дали навистина сте гладни. Можеби само сакате да ја ублажите вашата вознемиреност или да ја убиете здодевноста.
Ако не сте гладни, подобро е да правите вежби за истегнување или да медитирате десетина минути. Исто така, внимавајте да не работите близу до фрижидерот бидејќи така нема да можете да му одолеете.
6. Најдете поздрава замена
Кога сте под стрес, обично барате утеха во храната која е нездрава, полна со маснотии и со калории. Сепак, питата со зеленчук или мини вегетаријанската пица може да бидат вкусна и здрава замена. Желбата за благо ќе ја намалите со консумирање овошје, овошно смуди, сладолед од банана или неколку коцки темно чоколадо.
7. Внимавајте на алкохолот и на кафето
Чаша вино или вашиот омилен коктел може да бидат добро решение за борбата против стресот. Сепак, само една или две чаши пијалак може да ви го нарушат сонот.
Консумирајте една до две шолји кафе до попладневните часови за да имате квалитетен сон.