Не носат маски не почитуваат растојание, граѓаните опуштени во време кога бројот на позитивни на корона вирусот во Штип расте алармантно. Градот е со највисока стапка на заразени со коронавирус на 100.000 жители во државата.
За само пет дена во Штип се регистрирнани 130 граѓани позитивни на корона вирус, што е речиси половина од вкупниот број на активни случаи.
„Граѓаните не ги сфатија сериозно мерките. Не се откажуваат од социјалниот живот. Се собираат и се дружат без маски и почитување на мерките. Навистина не може да се одреди каде опасноста од вирусот е поголема, дали на работа или дома. Мислам дека тука има повеќе работа за инспектратите“, вели Марија Димитрова од штипскиот Центар за јавно здравје.
Од општинскиот кризен штаб тврдат дека ја следат состојбата, ако алармантниот раст продолжи ќе има и репресивни мерки. Какви не откриваат, но ќе се носат во координација со Комисијата за заразни болести. Нивна препорака е фирмите каде ќе се откријат нови случаи да ги пратат работниците на годишен одмор. Тврдат во превозот на работници општинските инспектори напишале казни, а контроли има постојано.
Најголем број од новозаразените се конфекциски работници. Поради долго чекање на резултати се повеќе компании сами прават скрининг на своите вработени. Велат тоа е во насока и на здравјето на работниците, но и продолжување на работниот процес бидејќи целата оваа индустрија е во криза.
Штипско инфективно е преполно. До утринава таму се лекуваа 53 пациенти, а вкупниот капацитет е 60. Веќе се прават разговори со другите регионални болници за прераспределба на пациентите. Утре почнуваат работите на терен за поставување на монтажна болница и во Кочани. Но таа треба да биде подготвена за евентуалниот есенски бран.
„Локацијата е веќе одредена. Урбанистите од општината ќе дојдат да извршат мерења за поставување на модулите. Во еден модул има место за 10 пациенти, колку ќе бидат поставени ќе зависи од просторот. Тие ќе бидат поврзани со тунел со зградата на болницата“, вели Александар Серафимов, директор на Општина болница-Кочани
Утре на состанок во Штип ќе се разгледуват сите можни сценарија. Состојбата загрижува и во Свети Николе, каде веќе се затворени две конфекции.