Од денеска во градинките во Македонија ќе бидат згрижени 14.555 деца. Предучилишните установи денеска почнуваат со работа по седум месеци пауза. Работата на градинките ќе се одвива според посебни протоколи за децата и за вработените.
По владините мерки за хроничните болни, породилни отсуства, грижа за деца до 10 години, повеќе од 260 вработени во предучилишните установи денеска нема да бидат на работа.
Министерството за труд и социјална политика ги повика општините да ангажираат дополнителен соодветен кадар во оние градинки каде што недостига.
Според протоколите во групите до двегодишна возраст треба да бидат згрижени најмногу 6 деца, а во групите од 2 до 6 години треба да има најмногу 15 деца. Мора да се избегнува контакт меѓу децата од различни групи. Да се врши дезинфекција на просторот на секои два часа. На вработените и на децата задолжително ќе им се мери температура при влез во градинката. Установите се должни да обезбедат заштитна опрема, и сите вработени задолжително мора да носат маски. Не се дозволува собирање и меѓусебни контакти на вработените во посебни простории. Децата ќе спијат на растојание од еден и пол или два метри на принципот „нозе-глава“. Ќе има постелнина за секое дете обележана со името на детето. Ќе биде забрането користење на играчки кои не се перат и не се дезинфицираат.
Доколку некое дете појави некакви симптоми за време на престојот во градинката, ќе се изолира во посебна просторија и ќе биде контактиран родител. Секоја градинка ќе има задолжено лице, по можност медицинско за контакт со надлежниот центар за јавно здравје. Родителот доколку забележи симптоми кај детето не треба да го носи во градинка. При секое ново вклучување на детето во градинката, родителот е должен да достави потврда од матичниот педијатар со која ќе докаже дека детето е здраво.
„Уверени сме дека процесот ќе се одвива без проблем, децата ќе бидат згрижени на безбеден начин, а нивните родители ќе можат да се вратат на своите работни места. Сепак, сакам да апелирам до родителите дека капацитетот на градинките, поради посебните протоколи е значајно намален, поради што сите кои имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин, да не го зафаќаат местото во градинките на оние семејства, на кои тоа им е реално попотребно. Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, во тој случај можат да прифатат други деца што се запишани во градинката“, рече Јагода Шахпаска, министерката за труд и социјална политика.