ЦАРИНСКАТА УПРАВА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ПЛАЌАЊЕ АКЦИЗА ВО ВРЕДНОСТ ОД ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА

Царинската управа на Република Северна Македонија во текот на вчерашниот ден пред Основното јавно обвинителство во Велес поднесе кривична пријава против правно лице со седиште во Велес и против одговорното лице во правното лице со иницијали Б.А., поради основано сомневање дека е сторено кривично дело „Избегнување на плаќање на акциза“, што е казниво по член 279-б став 3 и став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Станува збор за увезен тутун пуштен во промет во акцизното подрачје без притоа да се плати акцизаво вкупен износ од 64.613.703,00 денари (повеќе од еден милион евра).

Имено, се работи за два увози на тутун во лист од типот „Вирџинија“ реализирани од страна на правното лице од Велес во месец октомври 2019 година, по што увезениот тутун наместо да се доработи е пуштен во промет на незаконски начин без да се плати акциза.

Во координација со Основното јавно обвинителство од Велес, инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Велес заради обезбедување на докази во врска со случајот.

Токму поради огромните штети од нелегалната продажба на необележаните тутунски производи во државата, Царинската управа на Република Северна Македонија во координација со Министерството за внатрешни работи и други надлежни државни институции спроведува постојани акции за сузбивање нелегална продажба на тутун и тутунски производи, што секако ќе продолжи и во иднина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.