Континуирано опаѓа бројот на новозаразени со вирусот Ковид-19, па така според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од 3.143 тестирања регистрирани се 37 нови случаи.
Следствено на тоа, и бројот на приеми во болниците е се помал. Како што соопшти вчера Министерството за здравство, вкупно 329 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови, а има околу 575 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, вчера се пријавени вкупно 15 починати лица, а регистрирани се 69 оздравени пациенти.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.063, бројката на оздравени пациенти е 146.869, на починати е 5.311, а бројот на активни случаи изнесува 2.883.