Мила Царовска: Со законот за учебници гарантираме обезбедување на ИТ уреди за децата од социјалните семејства

Правото на протест и иницирање на референдум е легитимно, но сепак, причината поради која се користи ова право е апсурдна, бидејќи станува збор за процес со кој го осовременуваме и унапредуваме образовниот систем со кој идните генерации ги подготвуваме за работните позиции за после 20 години, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во вечерашното гостување на Сител телевизија.

На прашањето дека дигиталните учебници нема да бидат достапни за секое дете, Царовска истакна дека за првпат во Република Северна Македонија се носи закон со кој се гарантира обезбедување на ИТ уреди за децата од социјално ранливите категории.

„Поголемиот дел од учениците веќе  имаат уреди и тоа го утврдиме оваа учебна година преку успешното следење на онлајн наставата. Овие учебници нема да бараат посебни перформанси. Сите оние коишто не можат да си дозволат за првпат тоа го гарантираме со законот, државата и општината да им обезбедат уреди. Сега во моментот ученикот којшто нема дигитален уред, има само книга, далеку повеќе уназадува од ученикот којшто има и таблет и книга и компјутер и други можности за информирање. Токму затоа ги изедначуваме правата на децата коишто досега немале можност да се сретнат со дигитални алатки и дигитална мултимедијална содржина“, рече Царовска.

Царовска истакна дека треба да се прави разлика помеѓу дигитализација на наставата и дигитализација на учебници. Сега МОН работи на дигитализација на дел од учебниците и на материјалите за учење, само за четврто одделение, а не на дигитализација на наставата. Тоа се две различни работи.

„Тоа не значи дека учениците цело време ќе бидат пред компјутер или таблет.  Наставата останува да се реализира како и досега, при што најважно средство за совладување на наставната материја е интеракцијата ученик – ученик, наставник-ученик“, рече Царовска.

Пронајдете не на следниве мрежи: