четврток, 12 ноември 2026
Најново

Милевски: За една година ги донесовме најважните стратешки документи за локалната самоуправа и регионалниот развој кои се усогласени со политиките на ЕУ

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски се обрати на осумнаесеттиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија во кој членуваат локални власти од земјата и од земји членки на Унијата.

– Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија е значаен форум преку кој разменуваме знаење и искуство на патот на интегрирање во Унијата. Го преживеавме на нозе разочарувањето од одлагањето на преговорите и продолживме со несмален интензитет да работиме на реформите. Сметаме на вашата поддршка, затоа што вие знаете колку посветено работиме на градењето на европски вредности и стандарди и преку развивање на прекуграничната соработка во регионот, унапредување на политиката на регионален развој и на процесот на децентрализација на власта, истакна министерот Милевски.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Милевски нагласи дека од последниот состанок на Комитетот во декември 2019 година до сега, за само една година се подготвени и донесени најзначајните документи во областа на локалната самоуправа и регионален развој кои што целосно се усогласени со политиките на ЕУ: нова Стратегија за регионален развој 2021-2031 година, нов Закон за рамномерен регионален развој и нова Програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026.

– Процесот на проширување на децентрализацијата го водиме во консултација со ЗЕЛС и со општините. Ќе го почитуваме ставот на локалните власти дека на општините пред се им е потребна финансиска консолидација, стабилни и предвидливи извори на  финансирање и внимателно пренесување на нови надлежности со соодветни финансиски средства, додаде министерот.

Со Заедничкиот консултативен комитет претседаваат градоначалниците на Крива Паланка Борјанчо Мицевски и на словенечката општина Трбовље, Јасна Габрич, која истакна дека проширувањето на Европската Унија е подеднакво важно и за Северна Македонија и за Европската Унија затоа што тоа ќе значи слободно движење и соработка на граѓаните и на институциите.

-Почетокот на преговорите бара многу напори, многу време, но се надевам дека ќе може многу брзо да ги отстраните пречките кои што произлегуваат од билатерален спор, зашто и други земји членки на Европската Унија имаат нерешени спорови, но не ги спречуваа своите соседи во процесот на интегрирање во ЕУ, рече Габрич.

На состанокот се обратија и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, амбасадорката Агнеса Руси, како и претставникот на ЕУ од директоратот за добрососедство,  Дејвид Кален.

-Процесот на проширување е процес на заслуги, Република Северна Македонија има резултати и процесот на напредување мора да продолжи, важно е да бидат вклучени и Владата и локалните власти и опозицијата и граѓанското општество, рече Кален.

Известувачот на Комитетот на региони Никола Доброславич кажа дека ставот на ЕУ е дека сите земји од Западен Балкан треба да станат членки на Унијата со исполнување на критериумите за членство, ја имаат поддршката на Европската Унија, а во процесот на евроинтегрирање е многу важна улогата на локалните власти, особено во развојот на локалната демократија и принципите на добро управување.

Во тематскиот дел, осумнаесетиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет беше посветен на размена на искуства и  на идеи на локалните власти од Северна Македонија со локалните власти од земји членки на Европската Унија за пост ковид периодот и одржливото опоравување на општините.

Поврзани вести