Луѓето јадат премногу омега-6 масни киселини, а недоволно омега-3

Мастите се добри за здравјето, но можат да бидат премногу штетни. Повеќето луѓе јадат премногу омега-6 масни киселини и недоволно омега-3.
Една нова студија го разгледа потенцијалното влијание на омега-6 масните киселини врз невропатската болка кај луѓето со дијабетес и други состојби.
Научниците од Центарот за здравство на Универзитетот во Тексас во Сан Антонио ја проучувале улогата на омега-6 масните киселини кај разни здравствени состојби и заклучиле дека овие масни киселини се чини дека предизвикуваат болка и воспаление.
Изобилството на омега-6 масни киселини во типичната западна диета „е значаен фактор на ризик и за воспалителна и за невропатска болка“, се вели во соопштението на научниците.
Познато е дека дијабетесот, автоимуните нарушувања и кардиоваскуларните болести се поврзани со навиките во исхраната, нагласуваат истражувачите.
Но, прекумерното внесување на омега-6 масни киселини, кои претежно се наоѓаат во преработената храна, не е проучено кога станува збор за нивната улога во болката.
Тим научници од Одделот за хемија и неврологија на здравствениот систем на ветерани во Јужен Тексас, предводен од Џејкоб Бојд, проучувале полинезаситени масни киселини кај глувци и луѓе.
Иако омега-6 и омега-3 масните киселини се неопходни за здравјето, новото истражување сугерира дека преовладувањето на омега-6 киселините може да има штетни последици.
Петгодишното истражување е објавено во јунското издание на списанието Nature Metabolism.
Омега-6 киселините главно се наоѓаат во храна со растителни масла и се корисни до одреден степен.
„Но, западната диета поврзана со прекумерната дебелина се карактеризира со многу поголема количина на овие киселини во храната, од чипс од пченка до прстени од кромид, отколку со здрави омега-3 киселини, кои се наоѓаат во рибите и извори како ленено семе и јаткасти плодови“, рекоа истражувачите.
„Општо земено, нездравата храна богата со омега-6 киселини вклучува преработена храна, брза храна, колачи и масно и сушено месо“, додаваат тие.
Промената на ваквите лоши навики во исхраната и зголемувањето на внесот на омега-3 киселина „во голема мера ги намалува овие болни состојби“, откриле научниците.
Исто така, авторите демонстрираа дека „нивоата на омега-6 липиди во кожата кај пациенти со невропатска болка поврзана со дијабетес тип 2 се силно поврзани со пријавени нивоа на болка и потреба за земање аналгетици“.
Потребно е дополнително истражување, но оваа работа може да постави „основа за нови клинички истражувања и на крајот да отвори нови патишта за клинички третман на невропатии“, наведуваат научниците Ајдан Мекгинис и Ру-Ронг Ѓи од Универзитетот Дјук во пропратниот текст.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.