Пратката од 500.000 вакцини против COVID-19, кои Министерството за здравство ги купи од кинескиот производител Sinovac, денеска ќе пристигне на меѓународниот аеродром во Скопје. Пратката ќе ја пречекаат државната секретарка во Министерството за здравство Иванка Стојаноски и амбасадорот на Народна Република Кина во Северна Република Македонија, Џан Ѕуо.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на Facebook објави дека вакцината Sinovac е ефикасна, безбедна за користење и одобрена од Светската здравствена организација.
– Еве ги официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО – Инкативиран SARS-Cov2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица, напиша Филипче.
Со 500-те илјади вакцини од Sinovac и со 100.620 дози од вакцините Pfizer набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат. Министерството за здравство најави до 15 јули ќе бидат вакцинирани околу 462.211 граѓани пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk.

Вчера беа вакцинирани 8.792 граѓани, а вкупно се аплицирани 510.351 дози вакцини. Ревакцинирани се 214.571 граѓани.
Со последните бројки, 51% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 45% над 65 години. Од граѓаните над 60 години, 38% имаат примено барем една доза.
Масовната вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп. Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на сајтот vakcinacija.mk, како најлесен и најбрз пат да се вакцинираат против коронавирусот.
Епидемиолошката слика во земјава и натаму бележи позитивен тренд. Вчера не беше регистрирано ниту едно починато лице од COVID-19. Беа евидентирани само 6 новозаразени од направени 3.147 тестирања и 4 оздравени.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.669, бројката на оздравени пациенти е 149.950, на починати е 5.484, а бројот на активни случаи изнесува 235.
Најмногу активни случаи има во Скопје и тоа 88, потоа следува Куманово со 28, Тетово 22, Прилеп 18, Охрид 17, Кичево 16. Во 12 градови нема ниту еден активен случај, а во 9 само по еден заразен со коронавирусот.
Досега во земјата се направени вкупно 870.380 тестирања на COVID-19.
Грција за уште една недела ги продолжи правилата и предусловите за влез на македонските граѓани. Задолжителен е документ поврзан со COVID-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид (брз) тест до 48 часа пред пристигнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формуларот.
Нашата земја и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а кон Северна Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време.

За туристите, важат истите правила и рестрикции што важат и за Грците, како што е полицискиот час од 1.30 часот, што ќе се укине од понеделник 28 јуни, а маската е задолжителна само во затворени простории и на отворено доколку има гужва. За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.
Од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, исклучок освен за Северна Македонија има и за Австралија, Албанија, Бахреин, Белорусија, Босна и Херцеговина, Израел, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Катар, Кина, Кувајт, Либан, Нов Зеланд, ОАЕ, Обединето Кралство, Руанда, Русија, САД, Саудиска Арабија, Сингапур, Србија, Тајланд, Украина и Црна Гора.
Од минатата седмица, како што објави МИА, беа воведени две промени: можноста за влез во Грција и со негативен антигенски рапид (брз) тест и зголемување на возраста од шест на 12 години за задолжителниот тест.
Министерската одлука со важност до 3 јули 2021 година во 6 часот наутро веќе е објавена во Службен весник на Грција.
Досега во светот со коронавирусот се заразиле над 181 милиони лица, починале 3,9 милиони, а оздравеле 166 милиони луѓе.
Американската администрација за храна и лекови издаде предупредување за вакцините Pfizer/BioNTech и Moderna против COVID-19, за можен ризик од ретки срцеви проблеми (најчесто – воспаление на срцевиот мускул) по употребата.
За секоја од вакцините, информациската брошура е дополнета со предупредување дека има извештаи за компликации што укажуваат на зголемен ризик од миокардитис и перикардитис, особено по втората доза, со симптоми што се појавуваат неколку дена по вакцинацијата.
Заклучно со 11 јуни, пријавени се 1.200 случаи на миокардитис и перикардитис во системот за несакани појави по аплицирање на тие вакцини во САД каде досега се ставени околу 300 милиони mRNA вакцини.
Случаите се чини дека се значително почести кај мажите и во недела по втората доза.
Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, ги критикуваше богатите земји заради недоволната испорака на вакцини против коронавирус во земјите во развој. Тој истакна дека се повторуваат грешките од времето на пандемијата на СИДА, кога сиромашните земји чекаа лекови за вирусот десет години откако се појавија во богатите земји.
Неговиот советник Брус Ајлвард изјави дека ситуацијата во Африка е исклучително тешка бидејќи бројот на инфекции е зголемен за 50% во претходните пет недели.
– Помалку од два проценти од популацијата е вакцинирана. Секој наш добавувач на вакцини не може да ни ги достави бидејќи другите земји ги бараат тие производи и ја вакцинираат младата популација која не е загрозена, изјави Ајлвард.
Албанија воведува „отворени денови“ за вакцинација на популацијата над 18 години. Албанската министерка за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу, од вакциналнот пункт во приморскиот град Валона, објави отворени денови за масовна вакцинација против COVID-19, на сите граѓани над 18-годишна возраст.
-Врз основа на препораката на експертите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), одлучивме, како што се практикува во многу земји низ светот, следниот вторник и среда да бидат отворени денови за вакцинација. Значи, 29 и 30 јуни ќе бидат „отворени денови“ за вакцинирање на населението над 18-годишна возраст, низ целата територија на земјата, изјави Манастирлиу.


