Стабилна епидемиолошка состојба – нема мерки за „делта“ сојот

Ова е заклучокот од состанокот на Комисијата за заразни болести од каде што велат дека се чека и на евентуални официјални препораки од СЗО. Епидемиолозите будно ја следат и анализираат состојбата во регионот. Ова во гостување на „Утрински брифинг“ го потврди и Министерот Венко Филипче кој предвидува лето без нови мерки и обврски, под услов – бројот на заразени да е ист како сега.
„Ситуацијата е прилично мирна. Ја следиме состојбата и во околните земји. Целокупниот изминат период, без разлика на различните рестриктивни мерки во земјите, епидемиолошките криви беа прилично слични. Во таа смисла, насекаде во регионот е мирно, и во Србија и во Албанија. Секако акцент ставаме на земјите во кои македонските граѓани сега често заминуваат на летен одмор. Има некое лесно зголемување на бројката на позитивни случаи во Грција, но не сметам дека тоа е алармантно. Сметам и дека летово, доколку имаме иста ситуација, не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки.“ -Венко Филипче – Министер за здравство.
Индискиот сој се рашири низ стотина земји во светот, помеѓу нив и во Грција каде првиот случај на „делта“ е потврден кон крајот на април. Вчера таму регистрирани се нови 617 позитивни случаи. Според официјалните податоци во последниот период од сите потврдени досега се регистрирани педесетина случаи на „делта“ варијантата. Засега индиската мутација е потврдена во Србија и Косово, каде има неколку случаи, а и во Босна и Херцеговина. „Делта“ сојот се уште не е детектиран во Албанија и Црна Гора.

Пронајдете не на следниве мрежи: