Новата „коктел терапија“ против ковид-19 ќе се дава само на Инфективна, во првите 7 дена од заразата

Моноклоналната „коктел терапија“ е всушност двојно антитело, кое ги неутрализира вирусните честици врзувајќи се за два региона во спајк-протеинот. На тој начин ги неутрализира и пациентот нема да има тешка клиничка слика, можеби нема да има каква било слика, вели д-р Докиќ
Болниците се подготвуваат за евентуалниот следен бран на коронавирусот. Повеќе директори на клиники за „Слободен печат“ потврдија дека доставиле списоци со количините на медикаменти до Министерството за здравство за да се набават соодветни терапии за болнички третман. Директорот на Клиниката за пулмологија доктор Дејан Докиќ вели дека новата најсовремена терапија што ќе се дава на Инфективната клиника, односно моноклоналната „коктел терапија“ е ефикасна кога ќе се даде во првите седум дена од заразата.


– Оваа терапија е хит. Сакавме да биде поделена во сите ковид-одделенија ама на крајот се донесе одлука да ја има само на Инфективната клиника. Станува збор за двојно антитело, кое ги неутрализира вирусните честички врзувајќи се за два региона во спајк-протеинот. На тој начин ги неутрализира и пациентот нема да има тешка клиничка слика, можеби нема да има каква било слика. Некои искуства што ги имаме се дека за два-три дена на пациентите им се враќа и мирисот и вкусот, немаат температура, немаат сериозна клиничка слика. Така што мислам дека оваа терапија би требало да им се дава на контактите на заразените што не се прележани и не се вакцинирани. Исто така и за оние што ќе се заразат во првите седум дена. Се дава рано терапијата, кога вирусот е во фаза на репликација, објаснува доктор Докиќ за „Слободен печат“.
На Пулмологија има залихи од лекарства за смирување на цитокинската бура, која настапува кај пациентите со ковид со тешка клиничка слика, како и „ремдесивир“ – антивиротик што се администрира во првите десет дена интравенски за пациенти што мора да се хоспитализирани.
И во другите болници што ги контактиравме имаат преостанати лекови од претходниот, ноемвриски бран на ковид-пандемијата. Сепак, се набавуваат и нови, тековно, така што болниците уверуваат дека се подготвени за пациентите. Во ГОБ „8 Септември“ се применува стандардна, антибиотска, антикоагулантна, кислородна терапија и „дексаметазон“ кој се дава на пациентите што се на кислород, во зависност од клиничката состојба.
– Лекувањето на пациентите со ковид-пневмонија во основа опфаќа примена на антивирусна терапија, антимикробна, антикоагулантна, кислородна и кортикостероидна терапија. Тоа е таканаречена стандардна терапија. Антивирусната терапија се дава на почетокот на болеста, кога е најголема репликацијата на вирусот и тоа „фавипиравир“ во првите 7 дена. „Ремдесивир“, исто така антивирусен лек, е индициран за лекување хоспитализирани пациенти со среднотешка форма на пневмонија. Примена на конвалесцентна плазма, како и тоцилизумаб се лекови што исто така се даваат по соодветни индикации. Болницата е подготвена за нов бран на пациенти, доколку се јави потреба – вели за „Слободен печат“ доктор Маја Дугановска, раководител на Инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“.

Пронајдете не на следниве мрежи: