Министерот за здравство, Венко Филипче, одржува прес-конференција првпат по страшната трагедија во модуларната болница во Тетово, каде животот го загубија 14 лица, а 12 се борат за живот.
„Имаше повици за моја оставка. Дозволете да кажеме дека од одговорност не бегам ниту ќе бегам. Но ќе чекам да заврши истрагата. Поради тоа што и овој период има потреба од менаџирање на кризата околу кризата во Тетово, сето тоа што значи процес на завршување на обдукционите наоди. По завршување на истрагата ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка. Навистина се сочувствувам со сите членови на семејствата на загинатите, но ќе чекам да заврши истрагата“, рече Филипче.
Експерти од странство ќе помогнат во истрагата, вели министерот и додава дека никој нема да ја избегне казната.
Во моментот на пожарот имало 26 пациенти, од кои 12 биле евакуирани.
„Синоќа во тетовската модуларна болница биле двајца лекари, четири медицински сестри и 26 пациенти. 12 пациенти се безбедно евакуирани, тие се во тетовската болница и се во стабилна состојба. На Институтот на судска медицина се предадени тела на 14 пациенти. Починатите се на возраст од 29 до 79 години“, рече министерот.
Филипче истакна и дека ја има целата документација за модуларната болница, која е изградена по стандарди на Светска банка.
Како и колку придружници биле во ковид-болницата, најпрво ќе направиме анализа која ќе почне од утре од страна на ДСЗИ. Засега знаеме дека биле двајца луѓе во посета, рече министерот за здравство, Венко Филипче на попладневната прес-конференција во врска со пожарот во Тетово.
Тој нагласи дека посетите за ковид-пациенти начелно се забранети насекаде, но добил информација дека со серификати за вакцинација, роднините биле пуштани да ги посетат пациентите, а не да ги чуваат.
„Тоа е нешто што е традиционална глетка во нашите болници и од лично искуство знам дека тоа е тешко да се изменаџира“, посочи министерот.
Филипче кажа и дека засега може само да се шпекулира дали починатите се само пациенти или меѓу нив има лица и од придружбата, а за точна информација ќе треба да се почекаат резултатите од ДНК анализата.



