(Скопје, 16.12.2021) – Со потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Рош
Македонија и Центарот за кариера на Фармацевтскиот факултет Скопје, при УКИМ се
официјализира соработка меѓу глобалната иновативна здравствена компанија и
високообразовната институција. Соработката ќе се одвива во научната и стручна
дејност од областа на фармацијата.
Меморандумот за соработка отвора можност за потесна заемна комуникација помеѓу
една од најголемите интернационални иновативни здравствени компании и
академската средина кај нас, со цел создавање подобри студиски програми
конкурентни на пазарот на трудот, како и проширени цели и нова средина за учење.
„Како фармацевтска и биотехнолошка компанија којашто е предводник во
создавањето иновативни терапевтски и дијагностички методи, го знаеме
значењето и потребата од најсовремените научни заклучоци, теориска и
практична емпирија во создавањето квалитетни високообразовани кадри во
здравствениот сектор. Затоа ги вложуваме нашите ресурси и веруваме дека со
заеднички ангажман ќе создадеме млад, стручен кадар, којшто ќе има можност да ги
следи современите трендови во областа на биотехнологијата и дијагностиката и на
тој начин ќе се оспособи за да ги поместува границите на ефективна здравствена
заштита“, истакна д-р Александра Ивановска, директорка на Рош Македонија.
Соработката ќе биде фокусирана на взаемна размена на информации и искуства,
стручна, научна и техничка поддршка во изготвување на експертски анализи,
реализација на практикантство на студентите на Факултетот за времетраење на
студиите, едукативни и консултативни активности, како и организирање и учество на
научни и професионални состаноци, конференции, симпозиуми и други форми на
образование.
На потпишувањето присуствуваа Деканот на Фармацевтскиот Факултет проф. д-р
Зоран Стерјев, раководителот на Центарот за кариера проф. д-р Јасмина Тониќ
Рибарска. Според нив, со овој Меморандум, македонските студенти добиваат ретка
но вредна можност за збогатување на својата едукација со искуства и експертско
знаење од една од најиновативните компании во фармацијата што значително ќе го
зголеми нивото на стручност, професионалност и конкурентност на македонските
фармацевти на глобалниот пазар на трудот.



