Илјадници приврзаници на истополовите бракови маршираа во Париз

Илјадници приврзаници на хомосексуалните бракови излегоа во неделата по улиците на француската престолнина Париз, во знак на поддршка за планот на владата за легализирање на истополовите семејства, што предизвикаа голема јавна осуда во Франција, пренесува AFP.

Со слогани во знак на поддршка на правата на сексуалните малцинства и заедничката парола „Еднакви права“, демонстрантите излегоа во неделата попладне во 14-от арондисмант на Париз. Организаторите се надеваа дека нивниот собир ќе биде силен одговор на протестот против противниците на истополовите бракови, коишто според полициските процени на 13-ти јануари на улиците на Париз собраа над 100 илјади луѓе, а според организаторите на протестот кој беше поддржан од католичката црква и конзервативната опозиција Партија за народно движење (UMP) тие собрале најмалку три пати повеќе поддржувачи.

Во Франција засега се дозволени граѓански заедници на двојките од ист пол. Сепак, социјалистичкиот претседател Франсоа Холанд во предизборната кампања од минатиот јуни вети легализирање на хомосексуалните бракови, како и на можноста ваквите семејства да посвојуваат деца.

Кампањата против хомосексуалните бракови активно ја поддржува Католичката црква и голем број десничарски политички партии. Според истражувањето на јавното мнение што го објави влијателниот францускиот магазин Nouvel Observateur 56 отсто од испитаниците ги поддржуваат истополовите браковите, додека 50 проценти од испитаниците се против можноста хомосексуалните двојки да посвојуваат деца.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: