Еуроникел Индустри инсталира соларна постројка чија енергија ќе се
користи во финалните фази од производниот процес. Фотоволтаиците се со капацитет од 153Kw на
час во пик и постројката ќе го напојува новоинсталираниот систем за сушење на финалниот
производ – фероникел гранули. Постројката веќе е приклучена на внатрешната енергетска мрежа.
Користењето обновливи извори на енергија во производниот процес е дел од обемните
инвестициски планови и проекти на Еуроникел Индустри чиј крајна цел е унапредување на
целокупните работни перформанси, особено во делот на енергетиката и заштита и подобрување на
животната средина.
„Соларната постројка е поврзана со системот за сушење на нашиот финален производ – фероникел
гранули, што е многу важно за целосната оперативност на компанијата и трансформацијата кон
користење обновливи извори на енергија во производниот процес. Придобивките од оваа
инвестиција се повеќекратни, добиваме производ претпочитан од нашите клиенти, а сето тоа на
енергетски ефикасен начин, со што придонесуваме и кон заштита на животната средина. Ова
дополнително ја зголемува компетитивната предност на Еуроникел Индустри во однос на другите
производители на фероникел. Поставувањето фотоволтаици е само првиот од повеќе планирани
инвестиции во обновливи извори на електрична енергија што, исто така, е дел и од нашата
посветеност на заштита и унапредување на животната средина“, изјави Герасим Кујунџиев директор
на Еуроникел Индустри.
Целокупниот проект за инсталирање на соларната постројка е изработен исклучиво со сопствени
ресурси од страна на подружницата на Еуроникел Индустри, Нова Инжинеринг, којашто ги поседува
сите лиценци за проектирање и изработка на ваков вид проекти, а во соработка со инженерите и
стручните лица од компанијата. Со овој проект, Нова Инженеринг уште еднаш ги демонстрираше
своите разновидни компетенции да изработува специјализирани “custom-made” проекти согласно
потребите на своите клиенти и тоа од нацрт проект до пуштање во работа.
Еуроникел Индустри е производител на висококвалитетен никел којшто го пласира на европскиот и
светскиот пазар во конкуренција со производители од Европа, Америка, Канада, Австралија и други.
Притоа компанијата ги имплементира сите најсовремени производни методи и стандарди за заштита
на животната средина.



