Медицинската сестра на војвотката Кејт оставила проштално писмо пред да се самоубие

Медицинската сестра Џакинта Салдана, која се самоуби откако наседна на лажниот повик на водителите на австралиската радио станица 2DayFM кои се распрашуваа за здравствената состојба на бремената војвотка Кејт, оставила проштално писмо.

Како што јавува „Дејли мејл“, животот си го одзела со бесење.

Четириесет ишестгодишната медицинска сестра е мајка на две деца, 14 годишна ќерка и 16 годишен син.
На сопругот и на децата не им кажала дека била жртва на измамата на австралиските водители, но им оставила проштално писмо чија содржина не е позната.
За случајот се заинтересира и британскиот премиер Дејвид Камерон, кој на пратениците во британскиот парламент им рече дека од оваа трагедија мораат да „научат многу лекции“.
Медицинската сестра која минатата недела го прими телефонскиот повик од австралиските радиски водители Мел Грег и Мајкл Кристијан, кои лажно се претставија како принцот Чарлс и кралицата Елизабета и се распрашувале за здравствената состојба на војвотката Кејт, во петокот е пронајдена мртва во стан во центарот на Лондон.
Токму таа им се јавила на австралиските водители и ги споила со сестрата која на лажната кралица и раскажала детали за здравствената состојба на бремената војвотка Кејт. Салдана во тоа време била дежурна, а на телефон се јавила затоа што на рецепционерот, кому тоа инаку му е задача, не му била почната смената
Болницата потврди дека Салдана се јавила на телефонот, но не преземала никакви санкции против неа, туку ја „поддржала во тешкиот период“. Станува збор за медицинска сестра која во болницата работела подолго од четири години.
„Беше одлична сестра, многу ценета и популарна меѓу колегите“, соопштено е од болницата.
Членовите на семејството на починатата сестра ги бараат сите информации од болницата, велат дека „сакаат сè да дознаат“ и тврдат дека постојат некои неразјаснети околности.
Оваа недела првпат во јавноста се појавија и водителите Мел Грег и Мајкл Кристијан, кои се целосно скршени од трагедијата. Според нив, повикот требало да биде само „мала шега“, каква што пред нив многумина направиле.
„Претпоставуваме дека ќе ни ја затворат слушалката“, објасни Мајкл.
Војвотката Кејт на почетокот на минатата недела заврши во болница заради тешки утрински мачнини, од каде беше пуштена по неколку дена.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: