Вечерва на зајдисонце започнува светиот месец Рамазан, а муслиманите кај нас традиционално подготвуваат алва во пресрет на месецот Мубарак.
Алва е ориентален десерт, кој потекнува од Блискиот Исток. Како деликатес најраспространет е во арапските земји и на Балканот. Името доаѓа од арапскиот збор „халва“, што значи благо.
Во Македонија денеска традиционално се подготвува алва по повод ноќта на Мубарак и во пресрет на муслиманските празници, како и по повод Рамазан.
Алвата е слатко јадење направено од брашно, масти или шеќер и од сусам или други адитиви.
Состојки:
- 100 гр. путер или маргарин
- 100 гр. брашно
- 100 гр. шеќер
- 200мл. вода
- 1 ванилин шеќер
- ореви или кокос за декорација
Подготовка:
Првата работа што треба да ја направите е да стопите 100 грама путер и да оставите путерот целосно да се растопи. Потоа додадете 100 грама брашно. Мешајте ја смесата постојано 10 минути, внимавајќи да не изгори алвата.
Во друго тенџере ставете 200 милилитри вода и 100 грама шеќер и додадете една кесичка ванилин шеќер. Потоа зовријте ја водата и шеќерот и додадете ги во смесата од путерот и брашното. По неколку секунди, почнете да ја мешате смесата за да не се формираат грутки.
Кога алвата е готова, оставете ја да се излади неколку минути, а потоа обликувајте ја со лажица. На крај украсете ги парчињата алва со ситно сечкани ореви или кокос.