Познатиот американски клинички невропсихијатар д-р Даниел Амен во своите книги често ги опфаќал темите за здрав живот, навики во исхраната, корелации на мозокот и душата, па се осврнал и на нездравата храна која треба да ја избегнуваме за да се чувствуваме подобро и физички и психички.
Групата нездрава храна ја окарактеризира како „тажна храна“, затоа што кај нас предизвикува лошо расположение, ја крева напнатоста, ни го намалува нивото на енергија и слично. Како пример ја наведува неговата омилена брза храна – пицата. Сите ја сакаат пицата, брзо се подготвува, евтина е и нè заситува, а колку е вкусна никој не може да оспори.
„Оваа храна брзо ви дава енергија, а потоа се заморувате. Кога станува збор за замрзнатата пица, научните инженери работеле на неа за да го направат вкусот да ги ‘запали’ центрите за задоволство, и да испуштаат супстанции кои предизвикуваат чувство на радост. Поради тоа ‘стануваме зависни’ од брзата храна, но таа е полна со нездрави состојки кои подоцна влијаат на нашето здравје. Не се работи само за физичката состојба на организмот, туку и за психичката“, изјави д-р Амен.
Во својата книга, д-р Амен го нарекува типичниот американски начин на исхрана – „тажна диета“.
„Содржи супстанции кои лошо влијаат на менталната, емоционалната и физичката благосостојба. Оваа диета го зголемува ризикот од деменција, висок крвен притисок, срцеви заболувања, рак, анксиозни нарушувања и други здравствени проблеми“, вели невропсихијатарот кој веќе 30 години ја истражува врската помеѓу храната и состојбата на организмот.
Ова се видовите на храна кои предизвикуваат замор, стрес, па дури и вознемиреност и чувство на безнадежност, доколку ги јадеме секој ден:
- Преработена храна
- Храна полна со пестициди
- Храна која предизвикува скок на шеќерот во крвта
- Храна со малку влакна
- Вештачки бои и засладувачи
- Храна полна со хормони
- Храна од животинско потекло третирана со антибиотици
- Храна во пластична амбалажа.