Со донација вредна 16 милиони денари Макстил целосно го
реновираше Одделот за онкологија при ЈЗУ Универзитетската Клиника за детски болести.
Комплетното реновирање вклучува поставување на нов систем за вентилација и нов систем
за технички гасови, реновирани се сите болнички соби, просториите за медицинскиот
персонал, обновена е електричната инсталација, како и дел од водоводната и
канализациската мрежа, поставен е и нов медицински под, а сето тоа на вкупна површина од
400 метри квадратни.
За донаторот, целосното реновирање на овој Оддел е одговор на потребите за обезбедување
современа и безбедна средина за лекување на пациентите кои имаат потреба од онколошки
третман.
„Корпоративната општествена одговорност е на високо место меѓу приоритетите на Макстил.
Во тие рамки, соработката со детската клиника трае подолго време. Пред четири години
дониравме специјален ехо-апарат, потоа следеше целосно реновирање на одделот за
неонатологија и сега, по барање и во договор со клиниката, да го предадеме во употреба и
онколошкиот оддел. Колку и да сакаме овој оддел никогаш да не треба да се употреби,
реалноста сепак ни кажува дека и најмалите пациенти заболуваат од онколошки болести и
оттаму одуката на одборот на директори на Макстил да помогне во реновирањето на овој
оддел. Притоа се водевме од желбата на најмалите пациенти да им го овозможиме
најдоброто лекување и нега блиску до дома, во современ и функционално уреден оддел, со
медицински персонал кој го зборува нивниот јазик и кој полесно може да ги разбере нивните
потреби. Истовремено, лекувањето на овие пациенти тука, ќе значи и значајна заштеда на
финансиски средства од државниот буџет“, истакна Димитар Цветковски, Претседател на
Одборот на директори на Макстил.
Донацијата беше симболично предадена на 7 април по повод Светскиот ден на здравјето и
истата беше поддржана и од повеќе соработници на Макстил.
„Водени од идејата за максимална помош со расположливите финансиски средства,
промовиравме и еден иновативен модел каде што работите за кои имаме стручни вработени
во Макстил беа изведени од страна на истите, под стручен надзор. Освен тоа, во овој проект,
самоиницијативно се вклучија и наши добавувачи и деловни партнери од кои некои
учествуваа финансиски а други со помош во работна сила или донации на материјали. Со тоа
успеавме да постигнеме значаен успех и покрај сите предизвици за време на реализацијата.
Макстил останува и понатаму посветен на враќање во заедницата на дел од тоа што
заедницата му го овозможува и овој ден е само еден од многуте такви кои ќе следат“, дополни
Цветковски.
На претставувањето на највредната донација во здравството досега, беше присутен и
премиерот, Димитар Ковачевски.

„Денеска кога се одбележува Светскиот ден на здравјето – 7 Април, сакам да изразам
задоволство од изгледот на целосно реновираниот Оддел за онкологија на Универзитетската
клиника за детски болести. Овој модернизиран капацитет значи подобра услуга за
пациентите, задоволни здравствени работници и уште повеќе излекувани деца. Ова
Одделение за онкологија, претставува огромна надеж за победа за сите деца-херои, кои се
соочуваат со подмолни малигни болести. Целта е да продолжиме да бидеме дел од трендот
кој покажува дека канцерот може да се победи, преку раната детекција, навремената реакција
и соодветното лекување”, рече премиерот Ковачевски. Според опремата и капацитетите на
одделението, овој Оддел е единствен од ваков тип во земјата, со интенција да прерасне во
Регионален центар за лекување на деца со канцер, каде ќе се лекуваат деца од земјава,
Косово и Србија. Премиерот Ковачевски изрази благодарност до компанијата „Макстил АД“
која со донација од 250 илјади евра покажа општествена одговорност и лојалност кон
заедницата.
„Иницијатива како оваа од Макстил, како деловен субјект да донираат на Клиника што е од
суштинско значење за онколошката нега и третман на младите пациенти во државата, е
повеќе од општествена одговорност. Зборува за вистинската свесност на една компанија за
својата улога и функција во општеството и заедницата. Како покровител на Клиниката за
детски болести, вложија материјални и човечки ресурси, време и кредибилитет со цел да
обезбедат современи услови за нега и работа. Истовремено, примерот на Макстил уверува и
дава надеж во свесноста и моќта на овој сектор да помогнат во јавното здравство, кое и
покрај врвните специјалисти и нивната експертиза што ја ставаат во функција на пациентите,
болничките капацитети се сè уште предизвик каде сечија помош и интервенција е
добредојдена. Ја искажувам мојата благодарност и верувам во уште вакви успешни проекти”,
истакна министерот за здравство д-р Беким Сали.
„Сакам од срце да им се заблагодарам на нашите партнери од Макстил, кои извршија огромна
инвестиција, колку материјална, толку и хумана. Нашите мали пациенти, или како што ние
обожаваме да ги викнеме херои, ќе имаат многу подобри можности во нивната борба, а моите
колешки и колеги од Одделот за онкологија идеални услови за работа, бидејќи колку да се
трудиме, колку и да дадеме несебичен придонес, технологијата има огромно значение.
Благодарност и до Владата за се што прави за нашата клиника и за здравството во целина,
бидејќи кога јавниот и приватниот сектор дејствуваат заедно резултатите се неизбежни.
Апелирам ваквиот пример на Макстил да биде следен и од другите компании, се со цел,
Клиниката за детски болести да биде што по опремена и нашите деца да се лекуваат кај нас,
а не во соседството“, истакна Софијанова.


