Украина досега не ги проценуваше конкретните последици од војната врз инфраструктурата, како што се патиштата и мостовите, иако официјалните лица велат дека вкупната штета, од инфраструктура до куќи и други згради, досега може да биде околу 500 милијарди долари.
„Речиси сите делови од нашата транспортна инфраструктура се оштетени на некој начин“, изјави за Reuters украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков. Тој рече дека руската инвазија погодила „20 до 30 отсто од целата инфраструктура во различен степен, со различно ниво на уништување“.
Кубраков рече дека повеќе од 300 мостови на државните патишта се уништени или оштетени, повеќе од 8.000 километри патишта треба да се поправат или обноват, додека десетици железнички мостови се кренати во воздух. Тој оцени дека досегашните штети на инфраструктурата се 100 милијарди долари.
Почеток на обновата
Министерот рече дека неговото министерство започнало некои обновувања во областите кои сега се под контрола на украинските војници. „Ако зборуваме за патишта, мостови и станбени згради, верувам дека речиси сè може да се обнови за две години … ако сите работат брзо“, рече тој.
Во првите недели од војната, руските сили се приближија до Киев, нанесувајќи голема штета на градовите и инфраструктурата во регионот. Руските сили се повлекоа од северот околу главниот град овој месец за да се фокусираат на истокот и југот, каде што беше уништен опколениот пристанишен град Мариупол.
Кубраков рече дека очекува западните земји да помогнат во обновата на Украина од повеќе извори. „Има неколку извори кои се разгледуваат. Првиот е имотот на Руската Федерација, кој сега е замрзнат во речиси сите големи земји“, рече тој.
Помош од Запад
Европската Унија работи на создавање меѓународен фонд за реконструкција, а некои политичари на ЕУ повикаа на користење на руските средства замрзнати од Западот, вклучително и 300 милијарди долари во резервите на централната банка на Русија.
Кубраков рече дека украинското Министерство за правда и некои од сојузниците на Украина размислуваат како да го искористат замрзнатиот руски имот. Тој рече дека една опција би била собирање готовина со продажба на запленетиот имот преку, како што рече, „транспарентен механизам“.
„Верувам дека е фер, таков механизам никогаш не бил користен. Тоа ќе биде прв пат“, рече тој, додавајќи дека ќе биде потребна пионерска работа за да се воспостави таков механизам: „Се уште нема преседан. Но, дали имаше преседан една земја во Европа да нападне друга во 21 век?“, праша тој.